Одлуката на Трамп повторно блокирана

Федералната судијка на американската држава Орегон, Карин Имергут, денес ја продолжи забраната за администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да распоредува припадници на Националната гарда за целите на спроведување полициски надзор во градот Портланд.

Таа ја продолжи за 14 дена наредбата што требаше да истече подоцна оваа недела, објави Ројтерс.

Администрацијата на Трамп претходно распореди околу 200 припадници на Националната гарда на Тексас во Чикаго за заштита на федералните средства, вклучувајќи ги зградите на Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) и други федерални објекти.

Уште 300 војници им се придружија од државата Илиноис, а тие ќе бидат активни околу 60 дена.

На почетокот на месецот, Трамп изјави дека САД се соочуваат со „внатрешен непријател“ и најави дека ќе нареди распоредување трупи во сè поголем број градови под водство на демократите, вклучувајќи ги Вашингтон и Лос Анџелес .

Демократските лидери тврдат дека одлуките на Трамп за распоредување трупи се политички мотивирани и ги оспоруваат на суд.

Американскиот претседател, исто така, се закани дека ќе го активира законот против бунтување од 18 век за да ги заобиколи судските одлуки со кои се ограничуваат неговите наредби за испраќање трупи на Националната гарда во градовите и покрај приговорите од локалните и државните претставници.