Во тек е масовен руски напад врз Украина со крстосувачки ракети и беспилотни летала. Во целата земја е прогласена опасност од воздушни напади.
Како што предупредија украинските власти, во воздухот има 7 руски бомбардери Ту-22 и 6 бомбардери Ту-95. Крстосувачките ракети беа лансирани од воени бродови во Црното Море и воените авиони МиГ-31К, додека балистичките ракети беа истрелани од копнени фрлачи.
Украинските хидроцентрали се цел на нападот, соопштија украинските власти.
Силни експлозии се слушаат во Харков, вториот по големина град во Украина, со еден милион жители.
Како што предупреди украинската армија, шест групи крстаречки ракети летаат кон регионот на Киев. Се стравува дека можна цел е киевската хидроцентрала на реката Днепар на северот од земјата.
Полска крева борбени авиони, Русија цели на западна Украина
Полска стави борбени авиони во воздух додека Русите ја таргетираат западна Украина, која граничи со членката на НАТО.
Одмазда за вчерашниот напад на Русија?
Украинците на социјалните мрежи шпекулираат дека утринава масовниот ракетен напад врз Украина би можел да биде руска одмазда за вчерашниот голем напад со беспилотни летала на неколку руски области.
Да потсетиме, Украина вчера изврши неколку напади длабоко во Русија, која ја нарекува својата „најмасовна“ офанзива во досегашниот тек на војната. Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, погодени се складишта за муниција и хемиски фабрики во неколку региони, од кои некои се на стотици километри од границата.