Односите меѓу Трамп и Нетанјаху под зголемен притисок поради различните ставови за Иран и Газа

Односите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се под зголемен притисок поради сериозни несогласувања околу клучни прашања за Блискиот Исток, непосредно пред регионалната посета на Трамп, во која нема да биде вклучен Израел.

Двајцата лидери, кои порано имаа усогласени ставови околу Иран и конфликтот во Газа, сега се длабоко поделени во однос на начините за справување со овие кризи.

Трамп се залага за дипломатски ангажман со Техеран и за прекин на војната во Газа, а Нетанјаху продолжува да се залага за воен притисок, вклучително и воздушни напади врз иранската нуклеарна инфраструктура.

Според израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“, тимот на Трамп „веќе нема трпение“ за одбивањето на Нетанјаху да се усогласи со новата американска стратегија за регионот.

Во првите месеци од мандатот Трамп ја поддржуваше израелската воена кампања во Газа, го укина мораториумот за испорака на оружје што беше воведен во времето на Бајден и го класифицираше движењето на Хусите од Јемен како терористичка организација.

Дури и предложи Газа да биде „преземена“ и претворена во туристички центар.

Сепак, во последниве месеци Трамп направи сериозен пресврт. Тој ја запре воената акција против проиранските Хуси и сега се насочува кон директни преговори со Техеран.

Американски официјален претставник за Ен-би-си њуз изјави дека израелските лидери се „загрижени за секој можен договор“ со Иран.

Нетанјаху, наводно, бил особено вознемирен од двоумењето на Трамп да инсистира на целосна забрана за збогатување на ураниумот во евентуален договор за иранската нуклеарна програма.

Помошниците на Нетанјаху го изразиле тоа незадоволство пред претставникот на Трамп за Блискиот Исток, кој подоцна ја критикуваше новата воена офанзива на Израел во Газа и повика на прекин на огнот и договор за размена на заложници.

Израелската Влада останува цврста во ставот дека САД мора да одбијат каков било договор што не вклучува целосно разоружување на Иран.

Официјални претставници во Тел Авив стравуваат дека новиот дипломатски ангажман би можел да ја потроши нивната стратегиска предност, стекната по наводниот воздушен напад во октомври, кој сериозно ја оштети иранската противвоздушна одбрана.

Утре Трамп ја започнува својата блискоисточна турнеја, со посети на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, но без Израел – потег што дополнително ги нагласува разликите во политиката меѓу двајцата некогаш блиски сојузници.