Од април минималната плата во Албанија 40 илјади леки или 335 евра

 Албанската влада на денешната седница донесе одлука со која од идниот месец минималната плата се зголемува за шест илјади леки.

– Со оваа одлука од 1 април минималната плата ќе изнесува 40 илјади леки што е зголемување за 17,6 отсто на досегашниот износ од 34 илјади.  Оваа висина на минимална плата, како и до сега, задолжително ќе се исплатува и во јавниот и во приватниот сектор, изјави министерката за економија Делина Ибрахимај.

Таа нагласи дека „Албанија веќе е влезена во процесот на европска интеграција, каде што постои Европска социјална повелба во која нивото на минимална плата во една земја не смее да биде пониско од 60 отсто од просечната плата“.

Според Ибрахимај, во моментов со нивото од 34 илјади леки, Албанија била на ниво од 55 отсто, а со зголемувањето на 40 илјади леки оди на ниво од 67 отсто.

Минималната плата во оваа земја последен пат беше зголемена во септември минатата година, но  иако постојано се зголемува и понатаму останува најниска споредено со земјите на Европа.

Моментно таа изнесува 285, а со зголемувањето од 1 април ќе изнесува 336 евра.