„Со исплатата на мартовската пензија на 1 април пензионерите мора да го добијат вториот дел од 5.000 денари што ги вети владата, поточно ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања за парламентарните избори. Пензионерите го добија првиот дел од 2.500 денари од линеарното зголемување со октомвриската пензија“, изјави премиерот на државата, Христијан Мицкоски.
Од Владата велат дека парите за оваа намена се предвидени во Буџетот и не очекуваат турбуленции во фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Тие гарантираат дека Фондот на ПИОМ е стабилен и дека ќе има дупка во буџетот во ПИОМ уште шест до седум години додека не започне поробусната исплата на пензиите од Вториот пензиски фонд.
За исплата на пензиите во Буџетот за 2025 година се обезбедени 105,5 милијарди денари со кои се предвидени средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари.
Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, на последната прес-конференција предупреди дека ќе продолжат краткорочните и среднорочните мерки за стабилизирање на буџетскиот дефицит. Очекува да се зголемат приходите од плаќање придонеси, а придонесот за пензиско осигурување, рече, останува на 18,8 отсто.
Експертите остануваат на ставот дека целосното исполнување на ветувањето за линеарен раст ќе предизвика дополнителен притисок врз буџетот и ќе генерира дополнителни трошоци од околу 200 милиони евра годишно. Ваквите ад хок решенија, според експертите, треба да се избегнуваат, бидејќи систематско усогласување на пензиите има двапати годишно, но тие се оправдани во услови на растечка инфлација.
Синдикатот на македонските пензионерски здруженија го поздрави зголемувањето на пензиите, потенцирајќи дека секое покачување е добредојдено за пензионерите, но мора да се води сметка и за фискалната стабилност на пензискиот фонд бидејќи е важно да има доволно средства за исплата на пензиите.
Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека нема да има зголемување на старосната граница, ниту ќе има зголемување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.
Вели дека политиките нема веднаш да се сменат и дека акцент ќе се стави на сузбивање на сивата економија и намалување на даночната евазија за да се соберат повеќе пари во Буџетот.