Од денес, електрични автомобили ќе бидат достапни за изнајмување во Скопје, тие ќе чинат 22 денари по километар

Од денес, во Скопје можете да изнајмите електричен автомобил за 22 денари по километар додека возите и 5 денари по минута додека стоите. Словенечката компанија „Авант Кар“ ја донесе услугата во Скопје и првично стави на располагање 100 електрични автомобили за кои обезбеди посебни паркинг места.

Првата акција денес ја промовираа министерката за енергетика, Сања Божиновска, и министерот за животна средина, Изет Меџити. Тие пристигнаа пред Владата во посебни електрични автомобили, а ги пречека сопственикот на компанијата „Авант Кар“, Матеј Шер.

„Се надевам и сум сигурен дека денес направивме мал чекор кон одржлива иднина. Ќе има помалку зафатени паркинг места, ќе има помалку бучава во Скопје и секако нема да има загадување, а она што е најважно за сите граѓани е оваа одржлива мобилност да донесе придобивки, имено поевтин транспорт и секако подобра животна средина за идните генерации. Се наплаќа по километар и по минута. Услугата е достапна и за сите компании, јавни институции и слично“, рече Шер, чии очекувања се дека проектот ќе биде прифатен, проширен во други градови во Македонија и во рок од две или три години, од сегашните 100 автомобили во земјата, да се доведат до 1.000 електрични автомобили за изнајмување.

Министерот Меџити рече дека дошол да го промовира и поддржи проектот бидејќи сите ќе имаат корист од него, како што се почист воздух, помалку бучава, помалку сообраќај и потивка средина во градските центри.

Министерката Божиновска очекува дека изнајмувањето електрични автомобили особено ќе ги привлече младите луѓе. Таа очекува да се одобрат паркинг места за електрични автомобили во близина на универзитетите и побара повеќе градоначалници да бидат вклучени во процесот на одобрување паркинг места.

За изнајмување електрични автомобили, потребна е мобилна апликација, која е достапна за заинтересираните страни од денес.