Престижниот весник The Economist направи интервју со познатиот поранешен државен секретар на САД, Хенри Кисинџер.
Додека во Пекинг заклучија дека САД ќе сторат сè за да ја задржат Кина и да ја држат подредена, во Вашингтон се непоколебливи во нивната проценка дека Кина има намера да ги замени САД како водечка светска сила. За, како што велат, да добие трезвена анализа на овој растечки антагонизам, токму на овие теми весникот The Economist решил да разговара со легендарниот и според многумина контроверзен поранешен државен секретар на САД, Хенри Кисинџер.
На крајот на април, The Economist разговараше со Хенри Кисинџер повеќе од осум часа за тоа како да се спречи конкуренцијата меѓу Кина и САД да не се претвори во војна. Хенри Кисинџер, велат тие, е загрижен.
„Двете страни се убедени дека другата е стратешка закана. Ние сме на пат кон конфликт на големите сили“, изјавил тој.
Хенри Кисинџер е вознемирен од се поинтензивната конкуренција меѓу Кина и САД за технолошка и економска надмоќ. Дури и кога Русија се движи во кинеската орбита, а војната во Украина фрла заканувачка сенка над источното крило на Европа, тој стравува дека вештачката интелигенција ќе го засили кинеско-американското ривалство.
„Низ светот, рамнотежата на силите и технолошката основа на војувањето се менуваат толку брзо и на толку многу начини што на земјите им недостига фиксен принцип со кој ќе воспостават ред. И ако не можат да го најдат, можат да прибегнат на сила. Ние сме во класична ситуација како од пред Првата светска војна“, вели тој, и додава: „Каде ниту една страна нема многу простор за политички отстапки и каде секое нарушување на рамнотежата може да доведе до катастрофални последици“.
Според него, судбината на човештвото зависи од тоа дали САД и Кина можат да работат заедно. Тој смета дека брзиот напредок на вештачката интелигенција им остава само пет до десет години да најдат начин да го постигнат тоа. Хенри Кисинџер има неколку воведни совети за идните лидери. „Одредете каде сте. Безмилосно“, вели тој. Во овој дух, почетната точка за избегнување војна е анализа на растечката нервоза во Кина. И покрај неговата репутација дека е помирлив со Владата во Пекинг, тој признава дека многу кинески оценувачи веруваат дека САД се во подем и „затоа, како резултат на историската еволуција, на крајот ќе бидат вратени назад“.
Тој верува дека кинеското раководство негодува на наративот на западните креатори на политики за глобален поредок заснован на правила, кога она што тие навистина мислат е дека правилата се американски, како и поредокот. Кинеските лидери се навредени од она што тие го гледаат како омаловажувачка зделка што Западот ја нуди да обезбеди привилегии за Кина доколку таа се однесува – кога тие сигурно чувствуваат дека привилегиите треба да бидат нивни, како сила во подем.
Но, Хенри Кисинџер, исто така, предупредува од погрешно толкување на амбициите на Кина. „Во Вашингтон велат дека Кина сака светска доминација… Одговорот е дека сакаат да бидат моќни“, вели тој. „Тие не се движат во правец на светска доминација во хитлеровска смисла“, објаснува Хенри Кисинџер и додава: „Тие не размислуваат така и никогаш не размислувале на тој начин за светскиот поредок.“ Во нацистичка Германија, војната беше неизбежна бидејќи на Адолф Хитлер му требало внимание и моќ, но во Кина, како што вели тој, се сретнал со многу кинески лидери, почнувајќи од Мао Це Тунг и не се сомневал во нивната идеолошка посветеност, но таа секогаш била вткаена во острото чувство за интересите и можностите на нивната земја.
Хенри Кисинџер го гледа кинескиот систем како повеќе конфучијански отколку марксистички, и тоа ги наведува кинеските лидери да постигнат максимална сила за која е способна нивната земја и да бараат почит за нивните достигнувања. Кинеските лидери сакаат да бидат признати како конечни арбитри на меѓународниот систем во нивните сопствени интереси. „Доколку тие би постигнале супериорност што всушност може да се искористи, дали тоа ќе доведе до точка на наметнување на кинеската култура ? Не знам. Мојот инстинкт е не…Но верувам дека е во наша моќ да ја спречиме таа ситуација да не се случи со комбинација на дипломатија и сила“, вели тој.
Во својата анализа Хенри Кисинџер изрази осуда за рускиот претседател Владимир Путин. „Тоа секако беше катастрофална грешка во проценката на Владимир Путин“, вели тој. Но, посочува, не е без вина ниту Западот. „Мислев дека одлуката да се остави отворено членството на Украина во НАТО е многу погрешна“, тврди тој. Тоа беше дестабилизирачка одлука, смета тој, бидејќи ветувањето за заштита на НАТО без план за нејзино исполнување ја остави Украина слаба, иако беше извесно дека тоа ќе го налути не само Владимир Путин, туку и многу негови сонародници.
Сега, вели тој, задачата е да се доведе војната до крај без да се постави теренот за следна рунда конфликт. Хенри Кисинџер вели дека сака Русија да отстапи што е можно повеќе од територијата што ја зазеде во 2014 година, но реалноста, вели тој, е дека во секој прекин на огнот, Русија веројатно ќе го задржи барем Севастопол – најголемиот град на Крим и главната руска поморска база на Црното Море. Таквото решение, во кое Русија губи некои придобивки од војната, но задржува други, може да ги остави незадоволни и Русија и Украина.
Според него, Кинезите започнале дипломатски акции во однос на Украина како израз на нивниот национален интерес. Иако одбиваат да го прифатат уништувањето на Русија, тие признаваат дека Украина треба да остане независна земја и јасно предупредија да не се користи нуклеарно оружје. Како што вели тој, тие може дури и да ја прифатат желбата на Украина да се приклучи на НАТО. „Кина го прави ова делумно затоа што не сака да се судри со САД“, истакнува Хенри Кисинџер и додава: „Тие создаваат свој светски поредок, најдобро што можат“.
Друга област за која Кина и САД треба да разговараат е, посочува поранешниот прв човек на американската дипломатија, вештачката интелигенција. „Ние сме на самиот почеток на можноста машините да предизвикаат глобална чума или други пандемии“, вели тој и додава: „Не само во нуклеарното, туку и во секое поле на човечко уништување“. Тој признава дека дури и експертите за вештачка интелигенција не знаат колку таа ќе биде моќна. Но, Хенри Кисинџер верува дека вештачката интелигенција ќе стане клучен фактор во безбедноста во рок од пет години.