– Министерот за правда Кренар Лога смета дека граѓаните од понеделник ќе може да вадат изводи од матичните книги.
Според него, кажано му е на директорот на Управата за водење матични книги дека треба сите изводи да им се даваат на граѓаните по старото упатство.
-Уставниот суд требаше во одлуката да каже, до решавање на спорот кои се нивните чекори, за да не остане оваа празнина во системот. Кажано му е на директорот на Управата за водење матични книги дека треба сите изводи по старото упатство да им се даваат на граѓаните. Не знам кој ја кочи работата, тие имаат побарано мислење и од Уставен суд и од други органи. Верувам дека од понеделник ќе може да се земе извод од матични книги, рече Лога во вечерашното гостување на ТВ Сител.
Според него, меѓу Министерството за правда и Уставниот суд нема никаков конфликт.
-Уставниот суд го стави решението на Министерството надвор од функција. Ние ја почитуваме таа одлука и Уставниот суд ја има нашата поддршка за сите следни одлуки. Ова не е конфликт со Уставниот суд, туку развој на демократијата. Ова ретко го има во регионот, комуникацијата е на ниво и ние добро ја прифативме и поздравивме нивната иницијатива. Уставниот суд донесе времена мерка дента кога бев присутен таму и кога со вас ги споделивме службените весници дека Уставниот суд не е влезен во материјата на актот, туку само во формалниот дел и дека не е почитуван уставниот рок. И тогаш кажав дека има пропуст и дека ќе го повлечам упатството, како и дека ќе има ново, согласно Уставот – седум дена од денот на потпишување до денот на објавување, објасни Лога.
Тој тврди дека иницијативата на Министерството за изводите со етничка графа, не е неуставна. Покажа и акти кои, како што рече, се основани врз Законот за матични книги од 1995 година. Етничката графа, напомена, се злоупотребува, особено при вработувањата.
-Во најголем дел етничката припадност се злоупотребува при вработување. Тука сум да го заштитам првично македонскиот граѓанин, зашто ако нема партиски или висок функционер не може да се вработува. Оваа графа се злоупотребува за одредени луѓе да влезат на работа, истакна Лога.
Министерот објасни и зошто имало недоразбирања околу иницијативата во јавноста.
-Знам зошто ова покрена некакви недоразбирања – зашто од првите денови т.н. бугарски здруженија кажаа дека за 250 денари ќе може да извадат каков било документ со што ќе се загрозува до некаде идентитетот или реалноста по етничка припадност, но јас кажав ако било која држава сака да ја злоупотребува таа работа, истиот ден од моја страна ќе биде скратено и надвор од сила, нагласи министерот.
Тој денеска до Уставниот суд достави десет Иницијативи во име на Министерството за правда и десет во свое лично име како граѓанин за поведување постапки за оценување на уставноста на прописи објавени во Службен весник спротивно на членот 52 од Уставот. Уставниот суд претходно донесе времена мерка за стопирање на одлуката на министерот за правда Кренар Лога за национална графа во изводите од матичната книга на родени.
Во врска со пожарот во кумановскиот суд, Лога рече дека се уште нема официјални информаци што се е загубено.
-Ќе се воздржам од одговор на ова прашање, бидејќи очекуваме оттаму да добиеме писмено што и како се случи, како и кои се последиците, истакна Лога.
Тој потсети дека денеска, преку соопштение, Министерството за правда веќе укажало дека Судот е навреме предупредуван од Комисијата за надзор врз работата на АКМИС системот.
-Органите ќе кажат дали има некаков пропуст, а најверојатно и по службена должност, не министерот за правда, туку другите надлежни органи ќе дадат одговор, рече Лога.
Претседателката на кумановскиот суд Снежана Манев денеска ги негираше обвинувањата од Министерството за правда за злоупотреби на АКМИС системот. Според неа, нема злоупотреби на АКМИС системот.