Од Северномакедонското државјанство годинава се откажале 775 полнолетни и 160 малолетни лица

Од Северномакедонско државјанство годинава се откажале 775 полнолетни и 160 малолетни лица, информираат од Министерството за внатрешни работи за „Фактор“.

Годинава бројот на оние кои побарале ослободување од државјанство е помал во однос на 2023 година.

Минатата година имало 1068 барања на полнолетни и 184 на малолетни лица. Луѓето се откажуваат од своето ,,Северномакедонско” државјанство за да земат државјанство на друга земја. Овој тренд е присутен со години и со ова Македонија изгуби дел од населението.

„Се чувствува како да нема луѓе, две семејства што ги знам мораа да добијат германско државјанство поради работа. Мораа да се откажат од државјанството. Тие избираат да живеат таму каде што има добри услови за живот. Младите сакаат убав живот и летен и зимски, дури и станови и скапи автомобили, а Македонија тоа не може да го обезбеди, само во странство“, вели Лилијана Полевска, социолог.

Демографот Дончо Герасимовски појаснува дека граѓаните ја напуштаат државата, но колку од нив ќе земат странско државјанство и ќе се откажат од државјанството е лична одлука.

„Зависи каде ќе одат, дали можат да имаат едно или две државјанства. Знаеме дека луѓето заминуваат во странство, но колку од нив ќе добијат државјанство е лична одлука. Во странство се раѓаат околу 5000-6000 деца, можат да добијат државјанство. Секако дека имиграцијата е алармантна и тоа автоматски се гледа во случајот со државјанствата“, додава Герасимовски.