Од утре општините можат да аплицираат за грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво

Заменик министерот и државен секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и Фатмир Сабриу, денеска учествуваа на презентацијата на третиот јавен повик за доделување грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво, во рамки на проектот за Подобрување на социјалните услуги во Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на Светска банка. Социјалните услуги што треба да се финансираат се домашни услуги и услуги во заедницата.

Како што соопштија од министерството, овој повик претставува можност значително да се зголеми бројот на општини во кои се развиваат социјалните услуги, од 41 општина досега, на најмалку 20 нови општини.

„Редовно сум на терен и резултатите од нашите активности ги гледам преку директни разговори со граѓаните, затоа силно ве охрабрувам да се појавите во поголем број, особено кога од утре ќе биде активен повикот за пројавување интерес“, рече Велковски. Обраќајќи им се на присутните претставници на општините.

Тој се осврна на заложбите на Министерството за изградба на инклузивно и правично општество, како и на отворањето нови можности за продолжување на креирањето значајни промени за граѓаните, со посебен акцент на најранливите.

Велковски ги истакна главните прашања кои се во фокусот на работата на Министерството.

Државниот секретар Сабриу зборуваше за двојниот бенефит што доаѓа од реализацијата на Проектот за подобрување на социјалните услуги.

„Прво, обезбедува пристап до услуги кои го подобруваат квалитетот на животот на најранливите, а во исто време отвораат нови работни места во локалните заедници. Овој процес има директен и долгорочен ефект врз економскиот развој, отворање работни места и обезбедување квалитетна поддршка на оние на кои им е најпотребна“, нагласи Сабриу.

Понатаму, од министерството велат дека на денешната презентација дале детален преглед на барањата за аплицирање, како и информација за поддршката што ќе ја имаат општините и давателите на социјални услуги. Министерството ќе обезбеди поддршка за подготовка на сите потребни документи и предлог проекти.

„Проектите финансирани со овој повик ќе се реализираат во периодот 2025-2026 година, со цел значително подобрување на социјалните услуги и пристапот до нив за ранливите групи. Ова е продолжение на успешните активности на Министерството во рамки на социјалната реформа, чија цел е намалување на сиромаштијата и зајакнување на човечкиот капитал во државата“, велат од Министерството.