„Две години откако Туркије испрати помош за Хрватска, овде во Сисак, денес сме сведоци на обратна ситуација во историјата. Овој разорен земјотрес… ја покажува важноста на меѓународната солидарност“.
Дирекцијата за Цивилна заштита на Хрватска испрати дополнителна материјална помош до Република Туркије, конвој со 40 станбени контејнери, 60 кревети и 120 душеци, што тргна со воз од Сисак, јавува Анадолу.
„Денеска е уште еден емотивен ден за нас, бидејќи Владата на Република Хрватска и хрватскиот народ уште еднаш ја покажуваат својата солидарност со турскиот народ. Две години откако Туркије испрати помош за Хрватска, овде во Сисак, денес сме сведоци на обратна ситуација во историјата. Овој разорен земјотрес, кој е окарактеризиран како една од најголемите катастрофи на векот, ја покажува важноста на меѓународната солидарност“, изјави турскиот амбасадор во Хрватска, Јавуз Селим Киран.
Амбасадорот Киран им се заблагодари на сите претставници на Владата на Хрватска и на граѓаните за различните форми на помош што ја пружија веднаш по земјотресот. Потсети дека станбените контејнери во моментов им се најпотребни на луѓето во разорените подрачја.
„Владата на Република Хрватска со својата одлука одреди Хрватска да испрати 40 контејнери, станбени единици, како помош за интерно раселените лица во Туркије по катастрофалниот земјотрес. Ова е трета испорака на помош, по помошта што ја испративме со камиони, во вид на храна и различна опрема, потоа нашата физичка помош, државната интервентна единица која престојуваше на територијата на Туркије и помогна во потрагата и спасувањето на животи. Вредноста на контејнерите е околу 350.000 евра“, изјави директорот на Цивилната заштита, Дамир Трут.
Трут се заблагодари на 200-те контејнери што Туркије ги испрати во Хрватска по земјотресот пред две години во Банија, истакнувајќи дека повеќето од нив сè уште се во функција.
Конвојот испратен по железница се очекува да пристигне во Истанбул за десет дена.
Поради големиот број раселени лица по разорните земјотреси, а проценетата бројка е дека преку 800.000 жители се интерно раселени, Република Туркије изрази потреба од сместувачки капацитети и побара помош преку Координативниот центар за одговор при итни случаи (ERCC) на Механизамот на Унијата за цивилна заштита на Европската комисијa.