Турскиот новинар Јакупи Чинар пишува дека Озил нема намера да продолжи да игра фудбал и покрај тоа што е под договор со турски Башакшехир. Во последниот натпревар, Озил беше во првиот тим против Кајзериспор со пораз од 1:0, а тоа беше негов прв натпревар оваа сезона што го започна од првата минута. Тој излезе на полувремето, а потоа нагло ја заврши кариерата.
Озил после тоа не се појави на тренингот. Тој ги известил своите соиграчи и клупските челници дека повеќе нема да игра фудбал. После тоа тој побарал раскин на договорот кој трае до крајот на јуни годинава. Поранешниот светски шампион со Германија во 2014 година, во својата кариера настапуваше за Вердер Бремен, Шалке, Реал Мадрид, Арсенал, Фенербахче и Башакшехир, а за Германија постигна 23 гола на 92 натпревари.
Да потсетиме, менаџерот на Озил, др. Еркут Согут тврди дека прославениот играч за врска ќе започне нова кариера во е-спортот. „Тој ќе се занимава повеќе со е-спортови, ќе игра и можеби ќе стане е-спортист. Тој е навистина добар во Fortnite, морам да бидам искрен. Не би бил изненаден ако почне да се натпреварува во тоа еден ден“, рече минатата есен менаџерот на играчот.