ОКОЛУ 93.000 ЛУЃЕ ЈА МИНАЛЕ ГРАНИЦАТА: Над три четвртини од Ерменците досега го напуштиле Нагорно Карабах (ФОТО)

Повеќе од три четвртини од вкупно 120.000 етнички Ерменци во Нагорно-Карабах ја напуштија областа откако Азербејџан ја врати контролата врз територијата.

Егзодусот на Ерменците се случи побрзо од очекуваното и се чини дека ниту еден етнички Ермен нема да остане на територијата на Нагорно Карабах.

Автомобили, автобуси и трактори со бегалци се движат по автопатиштата на петтиот ден од егзодусот, кој го означи ненадејниот и одлучувачки крај на еден од најдолгите замрзнати конфликти во поранешниот Советски Сојуз.

Владата на Ерменија објави дека речиси 93.000 луѓе ја преминале границата од Нагорно Карабах во Ерменија, пренесе РИА Новости.

Неименуван претставник на агенцијата за бегалци на ОН изјави дека бројот на бегалци може да достигне 120.000, што би значело егзодус на целото ерменско население од Нагорно Карабах.

Азербејџанските власти најавија дека ќе ги почитуваат правата на Ерменците кои ќе изберат да останат во Нагорно-Карабах, но тие засекогаш го уништија концептот на самопрогласена Република Нагорно-Карабах.

Од Баку беше соопштено дека за неколку дена на тимот на ОН ќе му биде дозволен влез во Нагорно Карабах.