Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање за информацијата од Државната комисија за спречување на корупцијата во која се посочува на сомнеж и ризик од злоупотреба на лични податоци, вели дека за сите институции кои постапуваат со тој тип податоци постојат посебни правила и процедури.
При денешната посета на СВР Битола, Оливер Спасовски истакна дека за да се спречи злоупотребата на личните податоци треба да е работи многу повеќе на подигање на јавната свест, но и на репресивниот елемент.
„Ние и досега сме имале постапување по предмети коишто значат злоупотреба на лични податоци. Не може да стане збор за некакво масовно злоупотребување на податоци или пак тенденција на некакво зголемување. Дополнително е познато дека постои посебна Агенција за заштита на податоци и тука за сите институции коишто постапуваат со личните податоци има посебни правила, прописи, процедури на основа на коишто се постапува. Најголемиот дел на злоупотребата на личните податоци е токму преку порталите, преку социјалните мрежи и тн. затоа треба да се работи многу повеќе во делот на подигање на јавната свест, меѓутоа и репресивниот елемент. Предметите кои што ги работиме, ако имаат завршница во судот тоа ќе влијае и на другите лица коишто злоупотребуваат лични податоци, а од друга страна мора да се работи на подигањето на јавната свест на граѓаните, тие мора да бидат запознаени дека не можат да се злоупотребуваат личните податоци на кој било“, изјави Оливер Спасовски.
На новинарско прашање во врска со рудниците во струмичко, Оливер Спасовски го повтори неговиот став – дека нема да има рудник во Струмица. „Во ниту еден случај рудник нема да има“, нагласи Оливер Спасовски.
За време на посетата на СВР-Битола, тој информираше и за полициската акција по која се поднесени кривични пријави за 15 физички лица и две правни лица за даночно затајување, злосторничко здружување, перење на пари и други кривични дела. Вкупната штета е околу 843.000 евра.
„За оваа група врз основа на оперативни сознанија на МВР се обезбедени многу докази, лицата се следени во периодот 2021 и 2022 година и се преземаат сите законски мерки“, истакна министерот Оливер Спасовски.