Кејт Мидлтон објави дека има рак и дека е на превентивна хемотерапија. Каков точно е овој метод на лекување? Онкологот Мерлин Мејерс за New York Post изјави дека моментално е тешко да се коментира состојбата на Кејт Мидлтон бидејќи не е објавено од каков вид на рак боледува и во која фаза е болеста. Но, таа додаде дека превентивната хемотерапија пред сè е за намалување на ризикот.
Третманот е погоден за луѓе кои се изложени на поголем ризик од развој на одредени видови на рак поради семејна историја, нивниот начин на живот или преканцерозна состојба.
„Често даваме превентивна хемотерапија за неколку видови на рак за да се обидеме да ги уништиме клетките со микроскопска големина кои не можат да се видат при прегледот, но можат да растат ако не се лекуваат“, објасни таа.
По успешното отстранување на канцерогените или преканцерозните клетки, микроскопските клетки на ракот може да останат во телото и да резултираат со повторување на ракот неколку месеци или дури години по првичниот третман или ремисија.
Превентивната хемотерапија, која може да трае со недели или години, системски ги напаѓа овие клетки и ја елиминира болеста, намалувајќи го ризикот од повторување. Најчесто се користи кај пациенти кај кои е дијагностициран рак на дојка, дебело црево или јајници.