ОН гласаат за резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Попладнево во Њујорк, генералното собрание на ОН треба да гласа за предложената резолуција со која се бара прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Предлогот за резолуција за едно од најголемите злосторства во Европа по Втората светска војна, меѓу другото, го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените за воени злосторства.

Србија и Република Српска, во која доминираат босанските Срби, постојано негираа дека се случил геноцид во Сребреница.

Резолуцијата ја предложија земји кои имаат тешко историско искуство со геноцидот – Германија и Руанда. Текстот беше спонзориран од уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, освен Србија и Црна Гора.

Текстот никаде не ја осудува Србија или Србите.

Во 1995 година, војниците на босанските Срби убија најмалку 8.000 Бошњаци во Сребреница, која тогаш беше под заштита на ОН.

Ова злосторство беше дефинирано од страна на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија како геноцид.

За ова досега во тој суд и судовите во БиХ се осудени над 50 лица.

Масакрот во Сребреница беше прогласен за геноцид и од Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП).

Подолу предлог текстот на ОН за резолуцијата за Сребреница

Одлучено е 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на размислување и сеќавање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година и да се одбележува секоја година.

Безрезервно се осудува секое негирање на геноцидот и се повикуваат сите членки на ОН да ги зачуваат утврдените факти, вклучително и преку нивните образовни системи да развиваат специјални програми за негување на меморија, со цел да се спречи ревизионизмот и повторувањето на геноцидот во иднина.

Безрезервно ги осудуваме сите чинови на глорификација на осуденици за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, вклучително и одговорните за геноцидот во Сребреница.

Се истакнува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница, достоинствено погребување и се повикува на продолжување на гонењето на извршителите на геноцидот во Сребреница.

Се повикуваат сите земји целосно да ги исполнат своите обврски од Конвенцијата на ОН за спречување и казнување на злосторството геноцид во согласност со меѓународното право за спречување и казнување на геноцид, имајќи ги предвид релевантните одлуки на Меѓународниот суд на правдата.

Се повикува генералниот секретар на ОН да ја воспостави информативната програма на ОН „Геноцид во Сребреница и ОН“ со започнување активности во подготовка за 30-годишнината во 2025 година, и дополнително бара од генералниот секретар да го привлече вниманието на резолуцијата до сите земји-членки на ОН, организации од системот на ОН и граѓански организации.

Сите земји-членки на ОН, организации на системот на Обединетите нации, други меѓународни и регионални организации и граѓанското општество, вклучително и невладините организации, академските институции и другите засегнати страни се поканети да го одбележат Меѓународниот ден, вклучувајќи комеморации и активности, специјални споменици и почит на жртвите на геноцидот во Сребреница 1995 година, како и соодветни активности за едукација и подигање на јавната свест.