– Илјадници луѓе во Газа упаднаа во магацини и дистрибутивни центри за помош, соопшти Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци (УНРВА).
Во централниот и јужниот дел на Појасот Газа, тие зеле пченично брашно и други предмети како што се хигиенски производи, соопшти УНРВА. Една од локациите се користи за складирање на залихите за помош кои влегуваат во Појасот Газа од Египет во хуманитарни конвои.
– Ова е загрижувачки знак дека граѓанскиот поредок почнува да се урива по три недели војна и строга опсада на Газа. Луѓето се исплашени, фрустрирани и очајни, изјави Томас Вајт, директорот на УНРВА во Газа.
Ситуацијата со снабдувањето во Газа беше многу лоша дури и пред да избие војната и оттогаш значително се влоши во услови на блокада и масовно раселување.
– Масовното раселување на луѓето од северниот дел на Појасот Газа на југ изврши огромен притисок врз тие заедници, додавајќи дополнително оптоварување на распаднатите јавни услуги. Некои семејства примија и по 50 роднини кои се засолнија во едно домаќинство, рече Вајт.
Околу 80 камиони со разни стоки влегоа во Појасот Газа од Египет преку граничниот премин Рафах од почетокот на војната пред три недели. Вчера не можеше да влезе ниту еден конвој поради дефектот на интернет и комуникациските услуги.
– Сегашниот систем на конвои е на работ да пропадне. Многу малку камиони, бавните процеси, строгите инспекции, залихите што не одговараат на барањата на УНРВА и другите хуманитарни организации, а најмногу тековната забрана за гориво, сето тоа е рецепт за неуспешен систем, рече Вајт.
– Повикуваме на редовна и стабилна линија на проток на хуманитарни резерви во Појасот Газа за да одговориме на потребите особено сега кога растат тензиите и фрустрациите, нагласи тој.