Најмалку 8,8 милиони луѓе се погодени од земјотресот во Сирија, соопшти претставничката на Обединетите нации во земјата, Најат Рожди, откако претходно координаторот за вонредни состојби на ОН за Сирија, Мартин Грифитс, призна дека хуманитарните организации на ОН не успеале да им помогнат на жртвите од земјотресот во северозападна Сирија која е под контрола на бунтовниците.
На повеќето од нив ќе им биде потребна некаква хуманитарна помош, напиша таа на Твитер.
– Обединетите нации се целосно посветени да направат повеќе за да им помогнат на сите Сиријци, рече Рожди.
По земјотресот, во областа пристигнаа повеќе од 140 камиони на ОН со хуманитарна помош, а моментално шаторите се најпотребни бидејќи околу 9.000 згради се делумно или целосно уништени, а 11.000 луѓе останаа без покрив над главата, јави претходно агенцијата ДПА.
Активистите и хуманитарните работници на терен со денови се жалат дека помошта на ОН во тие области по земјотресот не е доволна.
Како причина се наведуваат и бирократските пречки, но се проценува дека помошта на ОН можела побрзо да стигне до жртвите во воените зони доколку се користеа помали возила, наместо гломазни камиони, на кои им беше отежнат пристапот по уништените патишта.