ОН: Обновата на Газа ќе трае со децении и ќе чини над 40 милијарди долари

– Се проценува дека обновата на Газа ќе трае со децении и ќе чини повеќе од 40 милијарди долари, изјави директорот на Регионалното биро на арапските држави на Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП).

Планот на УНДП за фазата на рано закрепнување планирана за Газа се проценува дека ќе трае три до пет години и ќе чини од 2 до 3 милијарди долари, изјави за новинарите Абдала ал-Дардари, додавајќи дека долгорочниот план за обнова ќе трае со децении.

Посочувајќи дека индексот на човековиот развој за Палестина се уназадил за 20 години, во споредба со 40 години за Газа, Ал Дардари рече дека Газа е речиси назад во 1980-тите.

„Сите инвестиции во човековиот развој на палестинските територии во последните 20 години и во Газа во последните 40 години се збришани“, рече тој.

„Тие проценуваат дека инвестициите вредни околу 50 милијарди долари се избришани“, додаде тој.

„Во Газа треба да се исчисти приближно 37 милиони тони цврст отпад“, рече Ал Дардари.

„Околу 72 отсто од куќите се уништени“, додаде тој.

Нагласи дека толкав обем на уништување во толку краток временски период досега не е забележан.

Осврнувајќи се на ситуацијата во банкарскиот сектор, Ал Дардари рече дека речиси сите филијали на банките во Газа се уништени и дека УНДП продолжува со напорите да го спречи колапсот на системот.