Скоро едно од тројца луѓе во Газа поминало денови без храна, предупредува Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации, бидејќи ситуацијата на терен продолжува драматично да се влошува.
,,Неухранетоста брзо се зголемува, а 90.000 жени и деца имаат итна потреба од лекување“, изјави WFP за АФП.
Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, објави дека вчера уште девет лица починале од неухранетост, со што бројот на смртни случаи од глад од почетокот на војната се искачи на 122.
Израел тврди дека не ја ограничува помошта, ОН го обвинува за неактивност
Израел, кој го контролира влезот на сите залихи во Газа, тврди дека не го спречува пристигнувањето на помошта и го обвинува Хамас за неухранетоста.
Израелски безбедносен претставник во петокот изјави дека во наредните денови би можело да се дозволи исфрлање помош од воздух, што хуманитарните организации го сметаат за неефикасен метод.
Иако медиумите објавија дека Обединетите Арапски Емирати и Јордан би можеле да учествуваат во операцијата, висок јордански функционер изјави за Би-Би-Си дека нивната војска сè уште не добила одобрение од Израел.
ОН го нарече потегот со воздушно спуштање „одвлекување на вниманието од неактивноста“ на израелската влада.
Повици од сојузниците на Израел за веднаш укинување на ограничувањата
Поради влошувањето на хуманитарните услови во Газа, Германија, Франција и Велика Британија во петокот го повикаа Израел „веднаш да ги укине ограничувањата за испорака на помош“.
„Сведоци сме на хуманитарна катастрофа која мора веднаш да заврши“, се вели во заедничкото соопштение, додавајќи дека Израел мора „да ги почитува своите обврски според меѓународното хуманитарно право“.
„Одбивањето на основна хуманитарна помош за цивилното население е неприфатливо“, се вели во соопштението.
Шефот на ОН: Повеќе од илјада луѓе убиени додека се обидувале да добијат храна
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази негодување поради глобалната тишина. „Не можам да го објаснам нивото на рамнодушност и неактивност што го гледаме кај премногу актери во меѓународната заедница – недостатокот на сочувство, недостатокот на вистина, недостатокот на човечност“, рече тој.
Зборувајќи на собранието на Амнести Интернешнл, Гутереш рече дека повеќе од 1.000 Палестинци се убиени додека се обидувале да дојдат до храна од 27 мај, кога започна дистрибуцијата на помош преку американско-израелската иницијатива Хуманитарна фондација за Газа (GHF), паралелна со системот на ОН.
Американски изведувач: Видов воени злосторства во дистрибуцијата на храна
Поранешен американски воен изведувач кој работел за GHF во мај и јуни, за Би-Би-Си изјавил дека „без сомнение… бил сведок на воени злосторства“ во тој период.
Ентони Агилар рече дека видел како израелската војска и американските изведувачи користат боева муниција, артилерија, минофрлачи и тенковски оган врз цивилите собрани на местата за дистрибуција на храна.
„Во текот на целата моја кариера, не сум видел такво ниво на бруталност и употреба на неселективна и непотребна сила против цивилите како што видов во Газа од страна на Израелските одбранбени сили и американските изведувачи“, рече пензионираниот војник.
GHF одговори дека обвинувањата се „категорично лажни“ и доаѓаат од „незадоволен поранешен соработник кој беше отпуштен пред еден месец поради кршење на кодексот на однесување“.
Преговорите за прекин на огнот се одложени, Трамп го обвинува Хамас
Иднината на разговорите за нов прекин на огнот и размена на заложници останува неизвесна, откако САД и Израел ги повлекоа своите преговарачки тимови од Катар.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Хамас „навистина не сака договор“.
„Мислам дека сакаат да умрат“, рече тој.
Хамас изрази изненадување од изјавата. Висок функционер на Хамас изјави за дописникот на Би-Би-Си од Газа дека медијаторите ги информирале дека разговорите не пропаднале и дека израелска делегација ќе се врати во Доха следната недела.
Војната во Газа, уништување и политички тензии
Израел ја започна војната во Газа по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беше киднапирано.
Оттогаш, според Министерството за здравство на Хамас, во Газа се убиени повеќе од 59.000 луѓе.
Израел целосно ја блокираше испораката на помош на почетокот на март, а две недели подоцна ја продолжи својата воена офанзива, прекршувајќи го двомесечното примирје. Потоа Израел објави дека сака да го зголеми притисокот врз Хамас да ги ослободи преостанатите израелски заложници.
Иако блокадата е делумно олесната по речиси два месеци, поради предупредувањата на експертите за претстојниот глад, недостигот од храна, лекови и гориво дополнително се влоши.
Повеќето од жителите на Газа биле принудени да бегаат повеќе пати, а повеќе од 90% од домовите се оштетени или уништени.
Франција ја признава Палестина, притисок врз Стармер во Британија
Во четврток, Франција објави дека официјално ќе ја признае палестинската држава во септември, предизвикувајќи гнев кај Израел и неговиот главен сојузник, САД.
Еден ден подоцна, повеќе од една третина од британските пратеници потпишаа писмо до премиерот Кир Стармер барајќи Велика Британија да го стори истото.
Но, британскиот премиер наговести дека таков потег не е на повидок, велејќи дека признавањето ќе мора да биде дел од „поширок план што на крајот ќе доведе до решение за две држави“ – израелска и палестинска.