– Обединетите нации (ОН) изразија загриженост за смртоносното полициско пукање во вторникот во Франција во кое загина еден тинејџер, повикувајќи ја земјата да се справи со дискриминацијата и расизмот во полициските сили.
„Ова е моментот за земјата сериозно да се позанимава со прашањата на расизмот и дискриминацијата во спроведувањето на законот“, рече Равина Шамдасани, портпаролка на Канцеларијата за човекови права на ОН, на брифинг со новинарите во Женева.
Жртвата, 17-годишниот Нахел М., кој според податоците на ОН е со северноафриканско потекло, полицијата го убила во вторникот при сообраќајна контрола во париското предградие Нантер.
Француското обвинителство соопшти дека полицаецот кој го убил тинејџерот е обвинет за убиство со умисла и е ставен во истражен затвор.
Истакнувајќи ја важноста на мирниот собир, Шамдасани ги повика властите да обезбедат полициската употреба на сила „секогаш да ги почитува принципите на законитост, неопходност, пропорционалност, недискриминација, претпазливост и одговорност“.
„Сите наводи за непропорционална употреба на сила мора брзо да бидат истражени“, додаде таа.
Францускиот претседател Емануел Макрон попладнево треба да претседава со меѓуминистерски кризен состанок додека француската Влада се обидува да го врати законот и редот по третата ноќ протести низ целата земја.