Дали тик-ток апликацијата ќе се забрани во Македонија? Кои се последиците од тик-ток предизвиците? Предизвикот „Парацетамол“ го вклучи алармот – надлежните апелираат, со најмладите отворено да се разговара за последиците од овие предизвици и навреме да се превенира отколку да се лечи.
Засега нема регистрирано жртви на Токсикологија од овој предизвик.
„Досега немаме информации од Токсикологија дека некој од пациентите кои учествувале во тик-ток предизвик, млади луѓе кои користат по пет-шест парацетамоли, дека се пријавени на Клиниката за токсикологија. Јас првпат ја слушам оваа информација бидејќи не користам тик-ток.“ – Арбен Таравари министер за здравство.
Тик-ток предизвиците не ги прават учениците херои. Потребен е разговор со учениците-дома и в училиште. Директорката на ООУ „Љубен Лапе“ посочи дека треба отворено да им се посочи на учениците кои се последиците од тик-ток предизвиците.
„Разговараме со учениците, запознаени се со овој предизвик. Добро е и родителите дома да разговараат за ова и да им се посочи да учениците дека овие предизвици нема да ги направат херои. Напротив може да им се случи нешто многу лошо за коешто после ќе жалиме сите-ние и родителите, а од тоа враќање нема.“ – Фоника Станоева директорка на ООУ „Љубен Лапе“.
Во ек на дигитална ера невозможно е да се функционира без мобилни телефони, но треба да се внимава да не се помине границата. Станоева тврди дека учениците не можат да се одвојат од технологијата, ниту пак образованието затоа што тоа им е и дополнително средство за работа. Но, мобилните телефони воопшто не се потребни во училиште.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски потенцира дека доколку одредена појава од инцидент прераснува во пракса тогаш стои на располагање алатката за забрана. Се разгледува можноста за забрана на тик-ток апликацијата. Министерот вели дека кон оваа апликација ќе се следи пристапот исто како кон онлајн игрите на среќа. Порача дека родителите за „домашна задача“ треба да го контролираат користењето на апликациите на нивните деца, бидејќи истото не е обврска ниту на министерствата, ниту на училиштата.
„Го видовте пристапот со онлајн игрите на среќа-кога ќе забележиме дека тоа претставува проблем за поширок круг на граѓани, ние пристапуваме кон законски измени и кон забрана на пристапот на онлајн игрите на среќа коишто се нелегални. Истиот пристап ќе го имаме и кон овие апликации. Доколку забележиме дека тоа од инцидент станува редовна практика, како што стануваат нелегалните онлајн коцкарници, тогаш ќе пристапиме кон забрана.“ – Стефан Андоновски министер за дигитална трансформација.
Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за Токсикологија апелира за тик-ток предизвикот парацетамол, вели дека колку и да звучи чудно труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дози од 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб. 20-40 таблети сериозни труења и оштетување на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често, според професор Беќаровски завршуваат со смрт.