Неодамнешните сателитски снимки објавени на Интернет покажуваат скок во железничкиот сообраќај долж границата меѓу Северна Кореја и Русија, што укажува на тоа дека Северна Кореја ја снабдува Русија со муниција, заклучија истражувачите од Центарот за стратешки и меѓународни студии, американски тинк-тенк во Вашингтон.
Шпекулациите за можниот севернокорејски план да ги наполни руските складишта со муниција испразнети во долготрајната војна со Украина се разгореа минатиот месец кога севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун отпатува во Русија на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Потоа, тој ги посети и клучните воени локации на рускиот Далечен Исток.
Странските претставници се сомневаат дека Ким Џонг Ун бара софистицирана руска воена опрема за да ја зајакне својата нуклеарна програма во замена за муниција, пишува Associated Press.
„Со оглед на тоа што Ким Џонг Ун и Владимир Путин разговараа и за воена соработка на неодамнешниот состанок, драматичното зголемување на железничкиот сообраќај веројатно е знак дека е започнато снабдувањето со оружје и муниција за Русија“, се наведува на веб-страницата Beyond Parallel, управувана од гореспоменатиот американски тинк-тенк.
„Меѓутоа, бидејќи речиси сите контејнери на вагоните се покриени со церади, ова прави невозможно дефинитивно да се идентификува товарот виден на железничката станица во населбата Туманганг на границата на двете земји“, се додава во извештајот на тинк-тенкот.
Сателитските снимки од 5. октомври забележаа драматично и невидено ниво на товарен железнички сообраќај во Туманганг. Се гледаат 73 вагони, за разлика од минатите снимки во изминатите пет години на кои имало максимум 20 вагони во областа.
Американските и јужнокорејските власти предупредија дека Северна Кореја и Русија ќе се соочат со последици доколку продолжат со трансферот на оружје, имајќи предвид дека резолуциите на Советот за безбедност на ОН забрануваат секаква трговија со оружје во која е вклучена Северна Кореја.
Од минатата година, САД ја обвинуваат Северна Кореја дека ја снабдува Русија со муниција, артилериски гранати и проектили. Јужнокорејските власти соопштија дека севернокорејското оружје доставено до Русија веќе е употребено во Украина.