– Операцијата на папата Франциск, извршена под општа анестезија, заврши без компликации, соопшти денеска Ватикан.
– Интервенцијата е завршена, се одвиваше без компликации и траеше три часа, соопшти прес-службата на Светата столица. Поради хируршката интервенција, папата ќе остане во болница неколку дена.
Претходно беше соопштено дека како мерка на претпазливост, должностите на папата се откажани до 18 јуни, со цел 86-годишниот папа да има време да закрепне.
Направена е операција на кила во абдоминалниот ѕид. Операции на кила ретко се изведуваат по итна постапка, но се чини дека оваа процедура била доста итна бидејќи била закажана само еден ден откако папата отишол во болница на прегледи. Неговите лекари веројатно сакале да му дадат повеќе време да закрепне пред полниот распоред на патувања ова лето.
Папата страдал од болна и влошена хернија која се формирала над претходна лузна, за која се верува дека е од неговата операција на дебелото црево во 2021 година. Експертите велат дека формирањето на хернија е позната компликација по операција на цревата.
Папата вчера отиде во болницата Џемели на претходно ненајавени контроли, се врати во Ватикан и утрово одржа аудиенција, а потоа веднаш се врати во болница за хируршка процедура.
Според црковниот закон, папата останува поглавар на Ватикан и на Католичката црква со 1,3 милијарди следбеници дури и кога е без свест во болница.