Опозицијата смета дека програмата на новата влада е далеку од дадените ветувања

Не може да се предвиди дека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го реализира сето она што го ветува и предвидува, оценува опозицијата по денешното експозе на мандатарот на владата Христијан Мицкоски. 

– Многу од ветувањата кои беа дадени пред граѓаните, многу од прашањата кои беа отворени и на кои на манипулативен начин успеавте да ја добиете поддршката од граѓаните, денеска ги немаме во Програмата за работа на Владата. Првиот основен приоритет за кој велите дека сите ние треба да бидеме дел од процесот и дека не треба ниту еден од нас, или како поединец, да има екслузивно право во однос на нашите стратешки приоритет, туку треба заеднички да работиме, а тоа е нашето членство во ЕУ, е сосема различен концепт од оној што го застапувавте и во времето на опозиција во изминатите осум години и во времето на предизборите, а тоа се однесува на почитувањето на меѓународните догооври, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, Преговарачката рамка за членство во ЕУ, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски.

Тој додаде дека очекувал во Порграмата многу поконкретни чекори во однос на сите овие прашања.

– Јас се согласувам и СДСМ и Коалицијата ќе бидат тука за сите стратешки прашања за кои сметате дека треба да разговараме. Но факт е дека немаме ниту збор за Преспанскиот допгвор, за Договорот со Бугаријта нема ниту детално разработен план како ќе ја промените Преговарачката рамка за која рековте дека нема да ја прифатите и дека ќе одите на нејзина промена. Овие денови се гледа и промената на личниот став во однос на Преспанскиот договор, дека нема да го користите уставното име, ниту придавката, денеска најавивте дека тоа ќе го направите и ако е тоа новиот концепт,  тоа е чесно и фер пред граѓаните да биде кажано, и како мандатар на Владата денеска говорите дека ќе го почитувате уставното име и Преспанскиот договор, рече Спасовски.

Тој забележа дека нема конкретни рокови и за наведените проекти во Програмата, нема финансиска конструкција како тие ќе се реализираат, ниту за задолжувањето од една милијарда.

Спасовски додаде и дека има прашања што се заговаарат како големи идни достигнувања, а за кои вели, веќе функционираат во државата, посочувајќи го како пример системот за видеонадзор на граничните премини.

– Сето она што се дава како ветување и е доставено како предлог пред Парламентот и јавноста е далеку од ветувањата и очекувањата кои им ги дадовте на граѓаните пред изборите и во изборниот период, подвлече Спасовски.

Во делот на кадровскиот потенцијал, нагласи дека нема некои значителни изненадувања за граѓаните, оти вели, кадрите се некаков континуитет на политиките од 90-те години и од периодот 2006 – 2017 година, и оти смета дека тој кадровски потенцијал нема да ги даде тие резултати кои ги очекуваат граѓаните. 

-И денешнава седница и изборот на оваа Влада, која сега се предлага е нешто што во македонското општество е веќе видена работа, а тоа е изборот на Владата во 2006 година кога се случи поприлично ист контекст со исти актери во тој период кои ги влечеа сите конци на политичката сцена. Секако посакувам многу поразличен пристап од тој период, да се цени слободата демократијата, правдата, солидарноста како вредности и дека сите заедно ќе успееме да се надминеме, заеднички да настапуваме за државните заеднички прашања и да покажеме една сериозна одговорност пред граѓаните дека сите заедно сакаме да ги промениме околностите. Се надевам дека сето ова ќе биде во добар правец и сите работи кои ги говориме ќе бидат пред се во интерес на граѓаните и нема да креирате општество кое ќе не враќа назад, заклучи Спасовски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Ѓоргија Сајковски во своето излагање посочи дека претходната Влада оставила катастрофални последици во образованието, здравството и инфраструктурата и е задолжена државата.

– Денес Македонија ги живее најтешките времиња од своето опстојување и затоа идните министри ќе треба да работат долготрајно и посветено, затоа што она што е оставено е се на се нула и хаос. Ќе треба макотрпна работа на секој од вас, рече Сајковски.

Според него, пратениците од мнозинството и идните министри имаат шанса да покажат што може да се направи и таа слика да се промени.

– Имаме неповторлива шанса да покажеме дека државата не се сака само со зборови туку со дела кои ќе траат вечно и по кои ќе не памтат. Верувате дека народот знае да го цени тоа, да го почитува тоа и да го награди. Нема да претерам ако кажам дека ова е можеби последната шанса на Македонија да се избави од магичниот круг на транзицијата, да се даде шанса да се тргне кон патот на пшросперитетот и стандардите на ЕУ. Таа шанса и доверба сигурен сум дека нема да ја изневериме. Ќе има многу откажувања од комфотот, ќе има работа но сакам да ви кажам дека секој пат е тежок, а најтежок е првиот чекор. Не смеете да се откажувате и ние сите заедно со вас од одлучноста да ја промениме кон подобро и да ја вратиме Македонија повторно на народот. Порграмата 2024 – 2028 е реална и остварлива, знам дека ќе оствариме многу и рабпоти кои не се во програнмата, рече Сајковски.

Во текот на репликите, пратениците од мнозинството и од опозицијата си разненија обвинувања. Од опозициската СДСМ посочија дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ  ја направиле најголемата изборна измама и ги излажале граѓаните дека нивната прва работа ќе биде промена на Преспанскиот договор и враќање на името на државата. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека претходната влада не само што не направила ништо, туку станала заштитник на криминалот и корупцијата во државата.

Претседателот на Собранието Африм Гаши се повика на член од Деловникот и ги повика пратениците да се однесуваат со особено внимание кон угледот на пратеникот и на Собранието.

Собраниската седница за избор на владата, според собранискиот Деловник, трае два дена. Се очекува да заврши најдоцна до утре на полноќ. Пријавени за збор се околу 60-тина пратеници.