Општина Жмињ во Хрватска ќе им подели 500 паметни часовници на пензионерите во нејзината област, кои им овозможуваат лесно да повикуваат служби за итни случаи , сето тоа во рамките на нов проект насочен кон зголемување на безбедноста на старите лица, објави локалната самоуправа.
Првата фаза од дистрибуцијата започнува веднаш, додека продолжението се очекува на есен, кога ќе пристигнат и останатите уреди.
Часовниците се опремени со SOS копче кое им овозможува на корисниците да побараат помош со едно притискање, што може да биде клучно во итни ситуации. До крајот на годината е планирана посебна мобилна апликација, која автоматски ќе ја испраќа локацијата на повикувачот заедно со повикот до службите за итни случаи, се вели во соопштението за медиумите.
Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија „Паметен град Жмињ“, чија цел е примена на паметни технологии во секојдневниот живот на граѓаните, особено за ранливите групи како што се постарите лица .
„Нашите пензионери заслужуваат безбедност и достоинство. Паметните часовници не се само техничка опрема – тие буквално можат да спасат животи. Со овој проект, правиме конкретен чекор кон побезбедна и попаметна заедница“, вели градоначалникот на општина Жмињ, Жељко Плавчиќ.
Проектот е кофинансиран од Фондот за заштита на животната средина и енергетска ефикасност, а Општината вели дека ќе продолжи да инвестира во дигитални и социјални решенија што придонесуваат за квалитетот на живот на сите нејзини жители.