Општина Аеродром поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје за согорување отпад на отворен простор

На сите ни е познато колку голем е проблемот со загадувањето на Градот Скопје. Се добиваат или се губат избори со ветувањата за мерките кои ќе бидат преземени со цел намалување на загадувањето и овозможување на граѓаните здрава животна средина. Граѓаните на општина Аеродром покрај загадувањето на воздухот за време на зимскиот период, оваа година нечист и непријатен воздух дишеа и за време на летниот период. Речиси секоја вечер додека жителите излегуваа да се прошетат и разладат од летните горештини, тоа уживање беше спречено од тешкиот чад и дим кој создаваа непријатна миризба од отпад кој гори.

Во тој период, од општина Аеродром излегоа со реакција дека надлежните служби извршиле проверки и дека чадот не доаѓа од територијата на општината, но дека надвор од општината немаат надлежности за постапување.

Се обративме и до Градот Скопје, од каде бевме известени дека се информирани за проблемот, дека чадот најверојатно доаѓа од дивата депонија Вардариште и дека работат на гасење на депонијата. Бидејќи квалитетот на воздухот продолжи да биде на ниско ниво, и проблемот не беше решен, Општина Аеродром вчера поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје за согорување отпад на отворен простор надвор од границите на општината.

Од општината информираа:

-Општина Аеродром во текот на вчерашниот ден до Основното јавно обвинителство од Скопје достави кривична пријава против непознат сторител. Кривичната пријава се однесува за согорување отпад на отворен простор на територија надвор од границите на општината. Истата е поднесена согласно член 70 од Законот за амбиентален воздух, по претходен надзор од страна на инспекциските служби и по претходна пријава од страна на граѓаните за непријатен мирис кој се чувствува на територијата на општината.

Законот за амбиентален воздух предвидува обврска за инспекциските служби да поднесат кривична пријава до надлежните судови за поведување на кривична, односно прекршочна постапка, доколку при вршењето надзор се утврди основа за тоа.

Со оглед на фактот дека станува збор за кривично дело свесно сторено од страна на непознат сторител и на територија на друга општина, Општина Аеродром смета дека целосно се исполнети условите за кривичен прогон за конкретното кривично дело, а притоа очекуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство согласно своите законски надлежности да постапат по доставената кривична пријава и истата во најкраток рок да ја процесираат до надлежните судски органи.

Грижата за здравјето на граѓаните, како и одржувањето на здрава и чиста животна средина останува приоритет на Општина Аеродром. Апелираме на почитување на законите и одговорност кон околината, а нашите служби и во иднина ќе преземаат активности кои се во согласност со законот.