Општина Кисела Вода и годинава ќе субвенционира набавка на огревно дрво

 И оваа година, Општина Кисела Вода ќе субвенционира дел од трошоците на своите жители за купување на дрва за огрев. Право на користење на субвенцијата ќе имаат граѓаните кои купиле дрва за огрев од 1 април годинава, сѐ до денот на објавување на јавниот повик, кој ќе биде распишан во октомври и ќе ги содржи сите потребни критериуми и информации, информираат од Општината.

– Финансиски надомест од 500 денари, со вклучен персонален данок, ќе се добива за секој купен метар кубен дрва за огрев, но, до максимална вкупна количина до 10 метри кубни или по 350 денари, со вклучен персонален данок, за секој купен метар просторен дрва за огрев, но, до максимална количина од 14 метри просторни. За утврдување на исполнетоста на условите за субвенционирање, ќе биде формирана петчлена комисија, задолжена да ја спроведе целата постапка на принципот прв дојден – прв услужен, сѐ до исцрпувањето на предвидените средства во висина од 1.200 000,00  денари за таа намена, се наведува во соопштението.

Покрај субвенциите за огревно дрво, Општина Кисела Вода веќе обезбедила финансиска поддршка и за печки за пелети, за пелети како енергенс, за кофинансирање при набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, како и за поправка и санација на постоечки лифтови во станбени згради на подрачјето на општината.

– Јавните повици за овие мерки се распишани, се во тек и се достапни на веб-страницата на Општина Кисела Вода, се додава во соопштението.

Листата на мерки за финансиска поддршка што оваа локална самоуправа ќе ги спроведува годинава, пишува во соопштението, опфаќаат и проекти од образованието како што се „Ранче за секое прваче“ и „Униформа за секој ученик“, а наскоро на бесплатно летување ќе заминат и повеќе ученици кои доаѓаат од социјално загрозени семејства.