Управувањето со отпадот е еден од најголемите предизвици на модерниот живот, а исто така е една од највидливите грижи и заложби на заедницата кон животната средина. Сите ние како поединци, во нашиот приватен и професионален живот, сме учесници во системот за управување со отпад и го правиме изборот за нашиот придонес во општество на заеднички вредности и чиста животна средина.
Од почетокот на мандатот, ние сме ориентирани и посветени на најдобро, најефикасно управување, на одржлив и модерен систем за управување со отпад и сето тоа, за да имаме почиста животна средина. Затоа, еден од главните приоритети на нашиот ангажман беше спроведувањето на реформата за подобрување на управувањето со отпадот во нашата општина.
На територијата на нашата општина има потреба од создавање основна инфраструктура за собирање, селекција, третман и преработка, како и депонирање на отпадот. Беше многу неопходно да се зајакнат обврските на сите актери во управувањето со отпадот, како и примената на принципите за рециклирање на отпадот со цел заштита на животната средина.
Токму во насока на најефикасно и најфункционално управување со отпадот, општина Тетово склучи договор за јавно приватно партнерство со австриската компанија „Заубермахер“.
Силно верувам дека ова партнерство и сеопфатен професионален план, ќе бидат успешни кон модернизирање на начинот на третирање на отпадот. Ќе ја обезбедиме вистинската услуга за секој граѓанин и ќе ја намалиме количината на депониран отпад, а тоа што ќе се фрли нема да има негативни влијанија врз животната средина. Сега заедно со компанијата Заубермахер сме на пат да ги реализираме овие обврски.
Денеска ви претставуваме дел од модерната опрема за собирање отпад заедно со упатства за граѓаните, кои значително ќе влијаат на подобрување на чистотата на нашиот град.
Нашата визија заедно со компанијата е да обезбедиме чист и развиен град за сите. Затоа, потребна е сечија соработка бидејќи само така можеме да дојдеме до заедничката цел што ја сакаме, а тоа значи модерно и ефикасно управување со отпадот. Заедно, полека чекориме по патот за кој веќе работиме изминатите 2 години.
Нашата работа не завршува тука. Важно е да продолжиме да го развиваме и подобруваме нашиот систем за управување со отпад во Тетово. Мора посветено да работиме во насока на намалување на загадувањето на животната средина и заштита на природните ресурси, нешто што бара заедничка посветеност.
Одговарајќи на овие предизвици со одлучност и посветеност, убеден сум, дека заедно можеме да направиме големи промени и да го направиме Тетово почист и подобар град за сите нас и за идните генерации.
Ви благодарам за Вашата континуирана поддршка, за Вашата цврста верба во заедничката заложба за подобар град за сите!