Градоначалниците од Брегалничкиот регион и годинава сами ќе се справуваат со комарците, идејата да реализираат заедничка акција пропадна. Според градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов решение нема, бидејќи помалите општини немаат пари за оваа намена, поради наталожени долгови. Токму и руралните општини во кочанскиот регион каде се наоѓаат најголемите површини засеани со ориз се идеални места за размножување на инсектите.
-Жалам што ефектот ќе биде минимален, но ние мораме да си ја завршиме нашата обврска. Од друга страна, ако не го спроведеме ова како активност, ќе имаме дополнител проблем и одговорност како локална самоуправа. Затоа, апелиравме до надлежните, до централната власт, да се вклучи во оваа постапка, да сите региони и сите локални самоуправи кои не се ликвидни, а имаат поголеми површини, да бидат финансирани преку ресорните министерства за да имаме ефект од постапката за прскање и третирање против комарци и ларвициди, вели Јорданов.
Општина Свети Николе која е дел од Вардарскиот регион со комарците ќе се справува од воздух. Но, градоначалникот Дејан Владев вели врнежите од дожд ја пролонгираа планираната акција за прскање против комарци. Општина Свети Николе е една од ретките каде во текот на летниот период ќе се прска авионски и тоа шест пати.
-Се работи за мали авиони кои можат доста ниско да летаат над земјата. По консултациите што ги имавме со стручни луѓе за оваа област, добивме информација дека е најдобро такво прскање, бидејќи ги опфаќаат сите легла на комарци, вели Владев.
Поголемите општини од Брегалничкиот регион годишно издвојуваат по два милиони денари од општинските буџети за прскање против комарци.