Орабн се закани: Ќе ги сносите последиците

Унгарскиот премиер Виктор Орбан предупреди дека ќе има „правни последици“ за организирање или учество на Парадата на гордоста во Будимпешта, што претставува прекршување на полициската забрана за настанот планиран за овој викенд.

Унгарскиот парламент, каде што десничарската партија Фидес на Орбан има големо мнозинство, во март донесе закон со кој се создава правна основа полицијата да ги забрани ЛГБТК+ маршевите, тврдејќи дека заштитата на децата има предност пред правото на собирање.

Законот, исто така, ѝ дозволува на полицијата да користи камери за препознавање лица за да ги идентификува луѓето што присуствуваат на митинзите за да се олесни плаќањето казни, објави Ројтерс. Критичарите го гледаат овој потег како дел од пошироката репресија врз демократските слободи пред општите избори следната година, кога Орбан се соочува со силен опозициски противник за кој некои анкети покажуваат дека има поголеми шанси за победа од Орбан.

„Ние сме возрасни и препорачувам секој да одлучи што сака, сè додека ги почитува правилата… а ако не ги почитува, тогаш треба да се соочи со јасни правни последици“, изјави Орбан за државното радио.

Тој додаде дека полицијата може да го растера забранетиот настан, но дека 
Унгарија е „цивилизирана земја“ и дека работата на полицијата е да ги убеди луѓето да го почитуваат законот.

„Не дојдовме на овој свет за да си го отежниме животот еден на друг, туку да го олесниме, тоа е суштината на христијанството“, рече тој.

Велика Британија , Франција и Германија , меѓу 30 други земји, во понеделник изразија поддршка за ЛГБТК+ заедницата во Унгарија и за Маршот на гордоста на 28 јуни, кој ќе се одржи откако либералниот градоначалник на Будимпешта изјави дека градот ќе ја организира парадата како општинска прослава на слободата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика унгарските власти да дозволат одржување на Маршот на гордоста , потег што Орбан во радио интервју го спореди со примање наредби од Москва за време на комунизмот.

„Исто како Москва, таа ја смета Унгарија за подредена земја и мисли дека може да им наредува на Унгарците од Брисел како да живеат, што да сакаат, а што не“, рече Орбан.

Владата на Орбан промовира силно христијанско-конзервативна агенда и во последната деценија донесе неколку закони кои влијаат на животите на ЛГБТК+ луѓето.