Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Унгарија се штити себеси и Европа од нелегална миграција веќе една деценија, откако ја „заклучи“ својата граница пред десет години.
„Овој потег предизвика гнев и закани во Брисел и стигматизација на Унгарија во западните престолнини, но ние истраeвме, ја затворивме јужната граница и рековме дека само оние на кои им дозволуваме можат да стапнат на унгарска почва“, рече унгарскиот премиер во објава на Фејсбук, објави MTI.
Орбан оцени дека Берлин, Стокхолм, Виена и Париз биле сведоци на загрозена јавна безбедност во изминатата деценија, додавајќи дека хорди мигранти ги тероризираат жителите во тие градови и дека експлозиите и убиствата сега се секојдневна рутина.
„Унгарија стана една од најбезбедните земји во Европа. Бројот на злосторства против човечкиот живот или материјалниот имот е на ниско ниво, а бројот на нелегални мигранти во земјата е нула. Но, бирократите во Брисел сè уште сакаат да управуваат со миграцијата наместо да ја запираат, уценувајќи ги и казнувајќи ги оние што не се придржуваат. Унгарија е казнета со еден милион евра дневно“, рече Орбан.
Тој вети дека унгарската влада, како што рече, ќе го продолжи својот отпор во Брисел и ќе ја зачува Унгарија како земја без мигранти.