Унгарија нема да дозволи никакви собири за поддршка на терористичките организации, изјави утрово унгарскиот премиер Виктор Орбан на јавното радио.
Тој додаде дека сите унгарски граѓани треба да се чувствуваат безбедно, без разлика на вера и потекло.
„Шокантно е тоа што има собири на оние кои ги поддржуваат терористите низ цела Европа“, рече Орбан, според Ројтерс.
Тој додаде дека такви „обиди“ имало дури и во Унгарија, но дека неговата земја нема да дозволи собири за поддршка на „терористичките организации“ бидејќи тоа би претставувало закана од тероризам.
Тој исто така изјави дека пандемијата на коронавирус, војната во Украина и „терористичкиот напад во Израел“ покажаа дека ова е „опасна ера“, но нагласи дека Унгарија ќе ги заштити сите свои граѓани.
„Сите се државјани на Унгарија, дури и оние кои имаат различни политички ставови. Унгарската држава мора да ги заштити. На унгарските граѓани не смее да им се дозволи да се чувствуваат небезбедно поради нивното потекло или религија. Ова е безбедна земја“, рече Орбан, пренесува МТИ.