Членките на Европската унија треба да формираат сопствен одбранбен вооружен сојуз, без Соединетите Американски Држави (САД), изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан за швајцарскиот Die Weltwoche , бидејќи според него, САД „гледаат на сопствените интереси кога станува збор за решавање на меѓународната безбедносна политика“.
Оваа порака сите руски медиуми со ентузијазам ја пренесоа, и барањето на Орбан го нарекоа како барање за „европско НАТО без САД“.
„Мораме да можеме да се браниме, Европа. Решението би било формирање на европско НАТО. Ова го предложив уште во 2012 година“, изјави Орбан, додавајќи дека САД и ЕУ „плаќаат различни цени за воениот конфликт“ и дека „Американците, а не Европејците го имаат последниот збор во сè“.
Унгарскиот премиер, еден од ретките сојузници на Владимир Путин во Европа, кажа дека „руско-украинските односи станаа комплицирани уште во 2014 година“, а тогаш политичарите во ЕУ имаа „политичка тежина и учествуваа во одлучувањето“. Но, сега, според Орбан, работите се свртеа и по почетокот на војната – Европа ја напушти дебатата.
Понатаму, Орбан смета дека на Западот денес му недостасува „волја да ја реши ситуацијата во Украина“ и дека Унгарија е за укинување на санкциите против Русија и за мир, иако не прецизира како гледа на тоа и што предлага од ова и дали тоа значи дека, на пример, се залага за повлекување на руската армија од сите окупирани украински територии, вклучувајќи ги и оние што ги припои.
Според Орбан, Западот ја изгубил способноста да го обедини светот и многу народи – Арапи, Бразилци, Индијци, Кинези, Турци – сакаат конфликтот во Украина да заврши што е можно побрзо.
Да потсетиме дека своевремено францускиот претседател Емануел Макрон зборуваше за „европска армија“, но и тој се откажа од таа идеја.