Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска оцени дека резултатите од претседателските избори во САД, кои ќе се одржат следната година, би можеле да влијаат на ситуацијата во Украина.
Во изјава за националното радио „Кошут“ вели дека Украина може да ги продолжи борбените дејствија се додека има од поддршка од САД и дека кога ќе ја нема поддршката, ќе запрат и борбите. Орбан, кој во минатото повеќе пати изразувал поддршка за поранешниот американски претседател Доналд Трамп, вели дека доколку догодина победи Трамп, тоа ќе може да влијае на исходот на војната во Украина.
Инаку Трамп, како што пренесува Телеграф, во изјава за радио емисијата на Шон Ханити, алудираше дека би ја запрел војната во Украина, со тоа што би му дозволил на рускиот лидер Владимир Путин да анектира делови од Украина. Тој синоќа рече дека доколку тој бил претседател, Путин не би се осмелил ни да нападне. А доколку сепак тоа го направел, ќе испреговарал нешто. – Можев да преговарам. Во најлош случај, можев да склучам договор да преземе нешто, знаете, има одредени области кои се руски говорни области, нели, но можеше да се постигне договор. И сега Украина само е разнесена во парчиња, рече Трамп.
Унгарскиот премиер истакна дека САД играле помалку активна улога во обидите за обликување на европската политика во последните години, но дека ситуацијата се променила откако изби вооружениот конфликт во Украина и дека сега Вашингтон го презеде водството на, како што ја нарече „воената коалиција“ која го поддржува Киев.