Организаторите на свадбата на Безос тврдат: Настанот нема да го наруши секојдневниот живот во Венеција

Пред свадбата на Џеф Безос и Лорен Санчез, која ќе се одржи следната недела во Венеција, двојката се најде на мета на критики од италијанската јавност.

Сепак, организаторите на свадбата издадоа соопштение во кое тврдат дека Безос и Санчез инсистирале на почитување на Венеција, нејзините жители и локалната заедница уште од самиот почеток на планирањето на свадбата.

Основана од принцот Антонио Ликата ди Баучина и грофот Рикардо Ланца, компанијата е позната по организирање на големи свадби на познати личности, вклучувајќи ги свадбите на Џорџ и Амал Клуни и Салма Хејс и Франсоа-Анри Пино.

Во изјава за медиумите, тие наведоа дека Безос и Санчез им дале јасни инструкции свадбата да не се меша во секојдневниот живот во Венеција.

„Од самиот почеток, упатствата на нашите клиенти, како и нашите принципи, беа јасни: минимизирање на какво било нарушување на градот, покажување почит кон неговите жители и институции и вклучување на локалното население колку што е можно повеќе во организацијата на настанот“, се вели во соопштението на компанијата.

Свадбата ќе трае три дена, а на списокот на гости се наоѓаат некои од најпознатите светски имиња, меѓу кои Опра Винфри, Леонардо Дикаприо, Ким Кардашијан, Бил Гејтс, Барба Стрејсенд и Иванка Трамп.

Од друга страна, луѓето што присуствуваа на протестите во Венеција, собрани под слоганот „Нема место за Безос“, залепија постери низ градот со пораки како „Венеција: Игралиште за олигарси“ и најавија блокади на канали и улици. Протестите се поврзани со долгогодишно незадоволство од прекумерниот туризам, капитализмот и товарот на градот со настани од висок профил.

И покрај ова, венецијанскиот градоначалник Луиџи Бруњаро изјави дека соработува со организаторите и верува дека свадбата ќе има мултимилионски ефект врз локалната економија.

„Работиме заедно со организаторите за да се осигураме дека настанот е целосно во согласност со чувствителноста и уникатноста на Венеција. Секој што ја сака Венеција е секогаш добредојден“, рече Бруњаро.

Организаторите нагласуваат дека влијанието на настанот било осмислено со месеци однапред, пред да се појават вестите за протестите.

„Пред да се појават вестите за протестите, работевме на тоа свадбата да има што е можно помалку негативно влијание или нарушување на животот на граѓаните на Венеција и нејзините посетители“, соопшти компанијата што ја организираше свадбата.

Според „Пејџ Сикс“, Безос и Санчез донирале средства на локални венецијански организации во април, како дел од планирањето на нивната свадба. Донациите биле дадени како симболичен подарок. Дополнително, 80 проценти од свадбените материјали биле набавени од локални венецијански добавувачи.

Организаторите и властите тврдат дека работат заедно за да се осигурат дека настанот ќе се одржи мирно и без нарушување на секојдневниот живот во Венеција.