Мистеријата со мојата сопруга Злата остана нерешена повеќе од осум месеци, и веќе мислам дека само ние, домашните, сакаме да дознаеме што се случило со неа, бидејќи од институциите за цело ова време нема никаков напредок во истрагата, раскажува Дејан Јанков од Свети Николе, сопруг на Злата (45) која исчезна од село Орел на 16-ти јуни минатата година.
Со растреперен глас вели дека семејството останало без својот столб, и повеќе не знаат каде да се обратат за помош.
-Имавме слога, три децении заеднички живот, две деца, едниот син има 29 години и живее во странство, другиот кој е во Свети Николе е малолетен. Не знам веќе колку пати им кажав на истражителите дека сакаме да се открие возилото кое било забележано во селото, дента кога Злата исчезна, а кое го виделе тукашните жители. Ниту се дозна чие е возилото и кој го управувал, ниту пак се најде телефонот на мојата сопруга.
Мојот мобилен телефон го зедоа од полиција, го проверуваа, им реков слободно да го задржат колку што треба, ако тоа може да ги доведе до некаков траг. Ми го вратија, ништо не најдоа. Во место тапка истрагата, по милион пати повторувам, како може да ја снема мојата сопруга туку-така, како во земја да пропаднала, како да не се дознае ништо, ама баш ништо за сето ова време? Ги следам и исчезнувањата кои за мала земја како Македонија многу често се случуваат, постојано читаме дека некој исчезнал и никако да се најде.
Се сомневам дека овде се работи за некаква организираност, дека овие луѓе не можат само така да исчезнат. Некој и да сака да се скрие, може ли сам да се крие толку време, а никој ништо да не дознае? Јас сум обичен човек и не можам да докажувам и истражувам дали навистина во Македонија организирано исчезнуваат луѓе, ама има институции кои се надевам тоа можат да го истражат, после сите овие случаи со луѓе кои мистериозно ги снема. Разочарани сме, бараме да се дознае вистината, вели Дејан.
Додава дека откако исчезнала Злата, тој и синовите немаат мир. Апелира до надлежните институции да не дозволат случајот да падне во заборав.
Фотографиите и личните податоци за Злата се објавени на официјалната страница за исчезнати лица при МВР. Родена 1979 година во Лозово, живее во Свети Николе, исчезната на ден 16-ти јуни 2024 година. Oпис: Висина 150 см, тежина 50 кг, облечена во плави тренерки, сиви патики и сива маица, наведено е на страницата.