Орце Ѓорѓиевски во интервју за МИА вели дека прво што би направил е „генералка“ на градот доколку победи како градоначалник на Скопје на локалните избори.
– Значи не би рекол дека е проект, но прво што недостасува на нашиот град е да направиме една голема генералка, да се исчисти градот затоа што состојбата во која што се наоѓаме денес, не ја отсликува реалноста што ја сакаме ние како скопјани, нашата желба, и она што е нашиот главен град. За жал, последниве години Скопје е претворено во една голема депонија. Затоа, јас честопати тоа го говорам, на моите телевизиски гостувања, дека првата работа што ќе ја направам ќе биде генералка. И она што во првиот момент ќе треба да го решиме, е јавниот сообраќаен транспрот. Имаме план, имаме концепт. За многу скоро време, откако ќе ја преземам позицијата градоначалник на градот Скопје, ќе ги ставиме тие две работи во ред, односно тоа е и најголемиот проблем којшто го имаат и се соочуваат сите наши граѓани во изминатов период. Впрочем, најголем дел, најголем процент од граѓаните го истакнуваат ова како сериозен проблем, и нешто со коешто ќе треба од старт да се занимаваме. Затоа велам, од старт, веќе во првиот ден од моето влегување во градот Скопје, една голема генералка, чистење сериозно на градот, рече актуелниот градоначалник на Кисела Вода.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ дополнува дека ќе има и построги казни за лицата кои се однесуваат несовесно со јавната средина.
– Па, тука би споменал исто дека освен институционалната вина која што се јавува како сериозен проблем во изминатиов период, а е поврзана со нефункционалноста на Комунална хигиена, значителна улога има и еден мал процент од населението коешто се однесува несовесно. Јас постојано како градоначалник на мојата општина го правам тоа – ги повикувам граѓаните да ја третираме нашата животна средина соодветно, затоа што сите живееме тука, дишеме воздух нашите деца функцинираат, растат тука. Утре наши внуци ќе треба да живеат и да растат овде. Истото ќе го направам во град Скопје, но она што посериозно ќе го направам, тоа ќе биде казни за сите оние коишто несоодветно се однесуваат, додава Ѓорѓиевски.