Осигурениците наплатија 71 милион евра, осигурителните компании исплатија над 100 000 штети

Осигурителните компании исплатија 30 отсто повеќе пари за штети покриени со осигурување лани во споредба со претходната година. Најголем број штети се исплатени за покривање медицински трошоци покриени со дополнително здравствено осигурување, а од сите класи доброволно осигурување најмногу средства се исплатени за штети покриени со осигурување имот, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

-Осигурителните компании исплатија 103 130 штети покриени со неживотни осигурувања во 2022 година. Бројот на исплатени штети е за 30 отсто повисок во споредба со претходната 2021 година. Осигурениците од компаниите за осигурување лани наплатија 4,4 милијарди денари. Тоа е за речиси 5,5 милиони евра односно за 8,3 отсто повеќе исплатени средства во споредба со 2021 година, покажуваат официјалните податоци кои ги доставија сите 11 компании за неживотно осигурување. Најголем број на исплатени штети има кај дополнителното, популарно познато како приватно, здравствено осигурување. Девет осигурителни компании кои го продаваат ова осигурување лани исплатиле над 46.000 штети на своите осигуреници, што е безмалку половина од сите исплатени штети. Осигурениците кои имаат приватно здравствено осигурување лани за медицински трошоци од своите осигурители наплатиле 426 милиони денари. Износот за наплатени медицински трошоци кои се покриени со приватното здравствено осигурување лани е повеќе од двојно зголемен во споредба со претходната 2021 година, наведува АСО.

Според Агенцијата, очекувано, најголем износ на штети се исплатени кај најмасовната и со закон задолжителна класа на осигурување од автомобилска одговорност (АО). Исплатени се над 27 000 штети од сообраќајни незгоди и несреќи во земјава во вредност од 1,75 милијарди денари. По основ на осигурување покриено со зелена карта се исплатени 1 205 штети вредни 418 милиони денари.

-Најголема вредност на исплатените штети од сите доброволни осигурувања, очекувано, има кај осигурувањето имот. Лани се исплатени вкупно 766 милиони денари или 8 отсто повеќе од претходната споредбена година. При тоа физичките лица лани наплатиле осигурани штети вредни 262 милиони денари, а компаниите, институциите и други правни лица наплатиле 504 милиони денари. Кај физичките лица износот на исплатени штети е намален за 17 отсто, а кај правните лица е зголемен за 29 отсто. Од другите осигурителни класи според износите на исплатени штети уште се истакнуваат: каско осигурувањето на моторни возила со 545 милиони денари, осигурувањата од незгода со 347,2 милиони денари и патничкото осигурување по кое осигуреници наплатија 62,1 милиони денари, информира АСО.

Во вкупниот износ на исплатени штети лани „Триглав осигурување“ учествува со 14,5 отсто, „Кроација осигурување – неживот“ со 11 отсто, „Халк осигурување“ со 10,8 отсто, „Сава осигурување“ со 10,5 отсто, „Уника“ со 9,3 отсто, „Македонија осигурување ВИГ“ и „Евроинс осигурување„ со по 9,2 отсто. Следуваат „Еуролинк“ со 8,5 отсто, „Винер ВИГ“ со 8,3 отсто, „Осигурителна полиса“ со 6 отсто и “Граве со 2,7 отсто.

-Што се однесува до работењето на друштвата за неживотно осигурување, врз основа на нивните неревидирани извештаи, профитабилноста е значително подобрена во 2022 година во споредба со 2021 година. Десет од вкупно 11 друштва годината ја завршиле со добивка (пред оданочување). Дури осум компании кои работеле со добивка лани имаат подобар финансиски резултат во споредба со 2021 година, дополнува Агенцијата.