Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во седиштето на НАТО во Брисел ќе се сретне со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Средбата на Османи со првиот човек на НАТО е во рамки на еднодневната работна посета на шефот на македонската дипломатија на Брисел.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Османи ќе има средба и со главниот политички советник за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, Симон Мордју и со советничката за надворешна политика задолжена за Западниот Балкан и миграции, Маја Коцијанчич.
Министерот Османи ќе учествува и на брифинг во Центарот за европска политика на тема „Северна Македонија и ЕУ: Движење кон поголема интеграција?“, на кој ќе има воведно обраќање, по кое ќе следува дискусија и размена на мислења со присутните гости.
Работната посета на Брисел, Османи ќе ја заврши со присуство како почесен гостин на приемот што по повод Денот на независноста на Република Северна Македонија го организираат нашите мисии во ЕУ и НАТО и Амбасадата на земјава во Белгија.
На приемот е најавено присуство и на државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили.