Османи во посета на Србија: Средба со српскиот колега Дачиќ

 – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи, престојува во посета на Србија, во чии рамки во Белград се сретна со првиот вицепремиер одговорен за надворешна политика и безбедност и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

ОБСЕ останува посветена на поддршката на реформските процеси во Србија и во регионот, порача Османи по средбата со Дачиќ, соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.

„Помирување, градење доверба и борба против корупцијата. Овие важни теми, заедно со решавањето на безбедносните предизвици од климатските промени низ регионален пристап, се трите главни приоритети за Западен Балкан на нашето Претседателство со ОБСЕ. Тие се точки на поврзување, заеднички потфати, кои можат и треба да нè обединат сите“, рече Османи.

Изразувајќи искрено сочувство за загубата на невините животи по немилите настани што ја погодија земјата, Османи во својство на претседавач со најголемата регионална безбедносна организација, се фокусираше на актуелните предизвици и можности.

„ОБСЕ денес се движи низ бурни води. Руската воена агресија против Украина ги урна основните принципи на ОБСЕ. Како Претседателство, работиме на обезбедување поддршка за функционална и флексибилна организација, нудејќи разновидни алатки, со цел да помогнеме во обновувањето на мирот и безбедноста. Наша цел е да го вратиме дијалогот и да ја промовираме соработката“, истакна Османи.

Тој потенцираше дека состојбата во моментов бара колективно, одговорно одлучување, повеќе од кога било, како и задолжително зголемување на напорите за ефективен мултилатерализам, со цел воспоставување мир и соработка.

Османи изрази почит кон Мисијата на ОБСЕ во Србија, која обезбедува поддршка на државата во градење силни, независни, одговорни и ефикасни демократски институции.

„Показателите за нашата успешна соработка, меѓу другото, зборуваат за зајакнување на доброто владеење, борбата против корупцијата и поволните услови за работа на медиумите. Ги поддржуваме напорите за поттикнување на помирување во регионот, иницијативите на граѓанското општество, поврзувањето на младите и зацврстувањето на улогата на жените. Недискриминацијата, меѓусебното разбирање и партиципативната демократија ќе придонесат за поголема регионалната стабилност и безбедност“, нагласи тој.

Османи истакна дека дијалогот и конструктивната соработка треба да бидат императив, изразувајќи силна поддршка од ОБСЕ за дијалогот Белград-Приштина, посредуван од ЕУ. Во тој контекст упати на важноста на состанокот што се одржа во Охрид, со што дополнително се отвори патот за нормализирање на односите.

„Претседавачот со ОБСЕ, Османи, најави дека посетата на Србија ќе ја продолжи во духот на мотото на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ‘За луѓето се работи’ и ќе оствари средби со претставници на граѓанскиот сектор, како и посета на теренската канцеларија на ОБСЕ во Бујановац, каде што ќе се сретне со млади луѓе од различни заедници, со цел да ја нагласи клучната улога на младите во трансформацијата на општеството и градењето стабилна, инклузивна и просперитетна иднина за регионот“, се нагласува во соопштението на МНР на Северна Македонија.