Германија продолжува да биде еден од најсилните промотори на европската интеграција на регионот, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со сојузната министерка за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, која денес престојува во официјална посета на Северна Македонија, пренесе ТРТ Балкан.
На заедничката прес-конференција, министерот Османи истакна дека двете земји прославуваат три децении од воспоставувањето на односите, додавајќи дека во ова време е изградено силно партнерство и пријателство кое може да се врами во стратешко пријателство.
Османи рече дека „Република Северна Македонија има преземено обврски кои мора да ги испорача, а преговорите со ЕУ за членство мора да продолжат. Овој пат, тоа зависи само од нас. Но, од секој од нас. Во Унијата не се интегрира само Владата, туку целата држава со сè опозицијата и на ист начин секој од нас треба да ја понесе и одговорноста за овој процес, и тука ја очекуваме поддршката од сите пријатели“, рече Османи.
Тој додаде дека Германија имаше важна улога во создавањето на Северна Македонија како европска демократија, но и во економски аспект, при што истакна дека Германија е трговски партнер број еден и минатата година трговската размена достигнала 5 милијарди евра.
Од друга страна, шефицата на германската дипломатија, Баербок, потсети дека минатата година Северна Македонија ја посетија германскиот претседател и германскиот канцелар, додавајќи дека тоа не беше случајно, туку нивните патувања се сосема јасен сигнал за тоа колку им е важна иднината на државите од Западен Балкан.
Таа рече дека го разбира чувството на разочараност од европскиот процес, додавајќи дека таа студирала во времето кога Северна Македонија доби статус на земја кандидат.
„Северна Македонија уште од 2005 година го има статусот на земја кандидат за ЕУ. Јас во тоа време студирав, и не се чувствува како пола вечност, туку навистина тоа е вечност. Многу добро го разбирам тоа што луѓето во вашата земја, особено младите, по целиот овој период и сите чекори што ги направивте за да се приближите до целта, до влезот кон ЕУ, се чувствуваат истоштено обесхрабрени“, нагласи таа.
Баербок ги поздрави сите досегашни напори на Владата, притоа ги охрабри сите политички партии да ги искористат сите расположливи средства за процесот да може да продолжи.
„Договорената промена на Уставот на смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или пак натпреварот која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност“, рече Баербок.
Германската министерка Баербок ја потврди силната поддршката од Германија за европската интеграција на Северна Македонија и изрази оптимизам дека до декември ќе „може да се исчекори овој пат“.
Таа изрази задоволство од подготвеноста на Владата на Северна Македонија да се справи со сериозни предизвици како уставните измени кои се од огромна важност за да продолжи преговарачкиот процес со цел членство на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).