– На 20-годишнината од Самитот во Солун, Министерството за надворешни работи промовира иницијатива „Повеќе интеграција, пред членство“, за да може граѓаните да ги чувствуваат бенефитите од процесот на пристапување во ЕУ уште пред самото зачленување во Унијата, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Имаме веќе три такви добри модели – визната либерализација, транспортната заедница и енергетската заедница, кои што покажуваат дека можеме да бидеме дел од европските политики и пред да бидеме членка на ЕУ. Нашата иницијатива не е да се нуди алтернатива, бидејќи пораката на 20-годишнината на Солунскиот самит е дека никој во регионот не прифаќа алтернатива на процесот на членство во ЕУ, истакна Османи на денешната прес-конференција.
Според Османи, земјава сега е пред можност сериозно да влезе во една брз патека за членство во ЕУ, кое е веќе се по извесно и до него да нема празен од, туку скалила низ кои што граѓаните ќе ги почувствуваат бенефитите на приближувањето кон ЕУ директно во нивниот џеб и во нивниот начин на живот.
– Ќе ги почувствува општеството, ќе ги почувствува државата. Како што ја почувствувавме визната либерализација, ќе ги чувствуваме и бенефитите. Така планираме постепено да влеземе во ЕУ, уште пред самото формално членство да биде навистина формално, додека по пат да ги имаме сите придобивки од процесот. Мислам дека ова е планот којшто се обидуваме ние во регионот да го наметнеме и во комуникација со ЕУ и веќе иницијалниот фит бек од Брисел е позитивен, истакна Османи.
Тој потсети дека пораката на Солунскиот самит пред 20 години со една реченица беше дека иднината на земјите од Западен Балкан е во ЕУ, со што почна целата приказна и почна идејата и надежта на државите од регионот за зачленување во Унијата.
– Тоа беше точка водилка, тоа беше референца на која што се засновуваат напорите и на ЕУ и на земјите од Западен Балкан. Неколку земји почнаа со преговори, некои авансираа во преговорите, меѓутоа се на се може да се каже дека има разочарување во регионот за тоа до каде сме 20 години после тоа, заклучи Османи.
Според него, причините за разочараноста лежат во дилемите во самата ЕУ во однос на процесот на проширување, неговата билатерализација од страна на одредени земји членки, како и во забавената, односно несоодветната динамика на реформи во самите земји од Западниот Балкан.
– Проблемот е во нас, во овие земји. Република Северна Македонија почна прва. Во 2001 беше во група со Хрватска и Словенија. Сите сметаа дека ова ќе биде првата тројка што ќе станат членки на ЕУ. Ја пропуштивме таа можност, Словенија и Хрватска влегоа во Унијата и тогаш почна едно ново поглавје, коешто јас го нарекувам „Балканизација на процесот на проширување на ЕУ“ во којшто ние станавме и жртва на тој процес, рече Османи.
Сепак, според него, во овие 20 години имаше и негативни аспекти, но и придобивки како во сферата на енергијата, апсорбирањето на средства за демократизација и зајакнување на институциите за владеење на правото и демократските процеси, како и над 45 проценти усогласеност на европското законодавство во домашното.
– Значи ние денес 45 проценти сме веќе ЕУ тука. И тоа значително го смени квалитетот на живот на граѓаните. Го смени квалитетот на функционирање на општеството на институциите и тоа е придобивка на овие 20 години процес, пристапен процес во ЕУ којшто за нас почна скоро. Потоа интегрирањето во пазарот на ЕУ, во рамки на овој претпристапен процес во којшто се наоѓаме, мобилноста, Еразмус програмата… сето тоа беа позитивни аспекти, од нашите обиди за интегрирање во ЕУ, рече Османи.
Тој истакна дека и покрај очекувањата дека во текот на процесот на интегрирањето ќе дојде до раст на економскиот стандард, сепак реалноста и фактите покажуваат дека во овие 20 години се случува дивергенција наместо конвергенција на стандардот во земјите од регионот и во земјите од ЕУ. Ова, според него, се должи на фактот дека членки на ЕУ добиваат дури 11 пати повеќе средства по глава на жител, отколку што добиваат земјите во регионот.
– Односно ако ние добиеме некаде околу 150 евра по глава на жител, тие добиваат околу 5000 евра по глава на жител. Значи со овие средства коишто ги добиваат нашите соседи членки на ЕУ и оние што ги добиваме ние, наместо да се приближуваме во стандардот, ние стануваме се повеќе оддалечени. Ние мора сега да разговараме со ЕУ по однос на овие аспекти за пристап до фондовите на ЕУ и до заедничкиот пазар на ЕУ, потенцира Османи.
Тој истакна дека војната во Украина ја подигна свеста на земјите членки на ЕУ дека интегрирањето не е само внатрешен процес, туку пред се е безбедносно прашање за Унијата.
– Оттука се појавува една нова патека, една нова свесност за членство во ЕУ, која што ние мора да ја фатиме, односно да се качиме на таа патека за да не пропуштиме уште една шанса како пред 20 години. Дали ќе научиме таа лекција или ќе ја повториме грешката, ќе видиме веројатно за неколку месеци, изјави Османи, додавајќи дека ако сега не останеме на европскиот пат може да ни се случи да отпаднеме и од групата со Албанија, Црна Гора и Србија.
Според него, евроинтегративниот процесот продолжува и свесноста за него е поголема од кога било досега и од него има придобивки, но слабости кои МНР сега ги адресира преку оваа нова иницијатива.
– Членството останува крајна цел, меѓутоа мора да има фазно интегрирање што значи интегрирање во политиките, во фондовите и во пазарите на ЕУ како исполнуваме критериуми, а не придобивките да дојдат од моментот кога стануваме членка на ЕУ. Мислам дека тоа ќе доведе до кредибилитет на самиот процес, ќе ги задржиме интересот на граѓаните, бидејќи очигледно кредибилитетот трпи во целиот регион. Ги гледаме бројките како паѓа атрактивноста на самата идеја и сметам дека овој ден, ова одбележување е добра можност да се промовира овој пристап, упатувајќи порака до граѓаните дека сме пред можност да не ја повториме грешката од пред 20 години, потенцира Османи.
Според него, иако на европскиот пат се оди бавно, по нагорнини и надолнини, сепак трендот е позитивен затоа што нема алтернатива за ЕУ.
– Ние не можеме без ЕУ. Како општество губиме кислород без ЕУ. Едноставно толку сме меѓузависни овде во регионот, што без ЕУ ние сами внатре ќе почнеме да имплодираме по сите на вредности, не во смисла на насилство, туку како систем на вредности ќе почнеме да гниеме без тој кислород на ЕУ. Еден ден да ја нема европската перспектива, еден ден нека излезе ЕУ да каже нема надеж за оваа дражва и да ги повлече сите инструменти и средства и експертизи. И ајде да се провериме дали ќе можеме сами. Нема да можеме. И некој не предизвикува во овие тешки времиња со војна блиску до нас, да не остави сами, да не остави изолирани со сите потешкотии што ги имаме и внатре и со соседи, да не остави без ЕУ. Колку е тоа неодговорно. И тоа уште без срам излегуваат пред камери и тоа го продаваат како форма на патриотизам. Некој треба да излезе и во лице да им каже: Како не ви е срам да барате во вакви тешки времиња земјата да остане сама без ЕУ. Ја сакате ли малку оваа држава, потенцира Османи.