Османи за Груби: Згреши што избега

„Требало да остане, да се соочи и да си ја каже својата вистина. Партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и нивните постапки“, вели потпретседателот на ДУИ на прашањето – зошто Груби избега ако самиот рече дека е „чист како солза“.

Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер во неколку влади, Бујар Османи; вели дека нема информација каде се наоѓа Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница како осомничен во случајот „Државна лотарија“. Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека тој не знае ниту дали Груби има државјанство на Албанија, но порача дека „постапките на поединци не ја дефинираат целата партија“.

Османи: Партијата ја дефинираат принципите, ја дефинираат политиките, колективните одлуки коишто таа ги носи во тој дел. Мислам дека не може да се најде нешто спорно во однос на политиките на ДУИ, посебно во однос на антикорупциската политика.

„360 степени“: Но, не може сега толку лесно тоа да го сведете на поединец, бидејќи тој (Артан Груби, н.з.) не беше кој било поединец, тој беше десна рака на лидерот Али Ахмети, тој палеше и гасеше на политичката сцена во изминатите неколку години од името на ДУИ, беше прв вицепремиер и можеби една од најмоќните, ако не и најмоќна политичка фигура во еден период.

Османи: Секој за којшто ќе се докаже во правна постапка дека го прекршил законот, треба да сноси одговорност. Немаме дилема во однос на тоа, секој. Меѓутоа многу е важно тоа да биде во еден непристрасен, политички неинструментализиран процес. Така што, еве, ако ме прашувате зошто бегал, јас мислам дека згрешил што бегал. Требало да остане, да се соочи и да си ја каже својата вистина. Партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и нивните постапки.

Во однос на ставањето на Груби на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент, Османи рече дека одредени политички партии ја злоупотребиле довербата на амбасадата на САД и ги искористиле информациите уште пред официјално да бидат објавени.

Тој негира дека ставањето на Груби на „црната листа“ било забрзано поради инцидентите што се случија за време на прославата на Денот на албанското знаме.

Османи: Два аргументи зошто не е така. Прво, објавувањето беше на Меѓународниот ден за борба против корупцијата. Тој ден не може да се поврзе со кој било друг настан овде, но и амбасадорката лично кажа дека има шпекулации дека времето е избрано за да се даде порака за некои политички дејствувања овде, но дека тоа не е точно.

„360 степени“: Не сте од вчера во политиката и знаете дека, сепак, има и пораки меѓу редови. Нема амбасадорот да каже – го ставивме на црна листа, официјалното објаснување е поради Енвер Беџети и Сашо Мијалков, но всушност го забрзавме поради Денот на знамето.

Османи: Тоа ќе ги прашате нив, тие ги даваат тие пораки. Моето разбирање е дека не може Меѓународниот ден за борба против корупција, во којшто над тринаесет луѓе од цел свет беа дезигнирани, да се поврзе со некои политички дејствувања овде. Но, ви реков, не потценувам дека Артан Груби не бил важен член на ДУИ со свое влијание и со свој придонес и за партијата и за државата. Но, конкретните дејствија за коишто се обвинува, ќе треба сам да ги докаже во правна процедура. И затоа нашиот апел е – згрешил што е побегнал, бидејќи вака еве им дава простор на луѓето, иако го слушнав професорот Калајџиев, којшто вели – да бил тој, би избегал поради тоа што овој политички притисок сигурно ќе влијае.