Османи: Изборот на претседел во Собранието ќе биде додадена вредност

–  Министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателски кандидат на ДУИ најавува дека меѓу темите на неговата кампања ќе бидат измените на Уставот за впишување на Бугарите, бидејќи смета дека без отварање на поглавјата земјата не може да постигне сериозен скок во евроинтегративниот процес, но и темата за избор на претседател на државата во Собранието. 

Прашан дали ДУИ со воведувањето на прашањето за избор на претседател во Собранието како нов, дополнителен услов за коалицирање по изборите покрај тој за впишување на Бугарите во Уставот, не го кочи процесот на евроинтеграциите, односно дали овие уставни измени ќе бараат да се спроведат заедно, истовремено Османи рече дека тоа е прашање за кое дополнително ќе се разговара. 

-Ние излегуваме на избори со барање, со идеја, претседеталот да се бира во Парламентот. Сметаме дека тоа ќе биде додадена вредност, подвлекува Османи.

За тоа дека ќе нема коалицирање со партија која овој услов нема да да го прифати, тој посочува дека тоа е прашање кое што ќе зависи и од исходот на тоа каков ќе биде одговорот на граѓаните на изборите на овој предлог и како што вели, на политичките разговори кои ќе следат.

Тој најави дека ќе ја промовира својата програма која интензивно се доработува со домашни и меѓународни експерти, ќе има своја веб страница како претседателски кандидат и ќе им се обрати на сите граѓани без оглед на етничката припадност. 

Доколку не влезе во вториот круг од претседателксите избори, прашан за кого ќе повика да гласаат неговите поддржувачи и дали тоа ќе биде Стево Пендаровски кого ДУИ го поддржа во 2019 година или, пак, тоа ќе зависи од „партускиот пазар“ за уставните измени, Османи вели дека очекува влез во вториот круг.

-Не мислам дека треба да разговараме за хипотетички ситуации. Јас се надевам дека ќе влезам во вториот круг и тогаш ќе барам поддршка од тие што нема да влезат во вториот круг, вели Бујар Османи.