Османи на средба со финскиот министер за надворешни работи: “Членството на Финска во НАТО ја зајакнува Алијансата“

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија и актуелен претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи денеска на средбата во Брисел со првиот човек на финската дипломатија Дека Хависто истакна дека членството на Финска е историски момент за Алијансата и вистински пат за заедничката поголема безбедност и сигурност.

Членството на Финска во НАТО е важен чекор што ќе го зајакне единството и одбранбените способности на Алијансата“, истакна Османи, кој со Хависто се сретна на маргините на Министерскиот состанок на НАТО во Брисел, на кој Финска и официјално стана 31. земја членка на Алијансата.

Османи упати честитка до Финска за нејзиното членство во НАТО, оценувајќи го како значаен влог за целокупната трансатлантска стабилност

Северна Македонија три години ја уживаше привилегијата на статусот најмладата членка на НАТО. Сметам дека статусот на Финска на најмлада членка ќе трае многу пократко од нашиот. Очекувам да ѝ посакаме добредојде на Шведска во НАТО пред Самитот во Вилнус“, кажа Османи.

Покрај НАТО, во фокус на средбата со Хависто, како што соопшти МНР, биле и приоритетните прашања од работата на ОБСЕ за време на претседавањето на Северна Македонија со Организацијата во 2023 година.

На средбата било истакнато дека во оваа многу критична геополитичка ситуација и во овие времиња на големи предизвици, ОБСЕ е и треба да остане една од најзначајните меѓународни платформи за дијалог.

Северна Македонија ја цени улогата и учеството на Финска во ОБСЕ Тројката, како и соработката која се остварува на сите нивоа за функционирањето на ОБСЕ“, истакна Османи на средбата.

На средбата беше потенцирано дека за да се продлабочи соработката потребно е повторно да се воспостави целосно почитување на заеднички прифатените заложби и принципи од Хелсиншкиот финален акт и Париската повелба и тоа од секоја земја учесничка.

Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ тоа го застапува во секоја прилика како детерминиран и потврден поддржувач на одржување на меѓународен поредок заснован на правила“, потенцираше Османи.

На маргините на Министерскиот состанок на НАТО, Османи остварил билатерални средби и со министрите за надворешни работи на Естонија и Романија, Урмас Реинсалу и Богдан Ауреску, како и со Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел

Бујар ОсамниМакедонијаНАТОполитикаФинска