Османи од Советот за безбедност на ОН ги повика светските лидери на повторно воспоставување мир во регионот на ОБСЕ

 – Повик за акција и итно воспоставување на мирот во регионот на ОБСЕ, упати претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи кон светските лидери присутни на денешниот состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк.

Како што информираат Од Министерството за надворешни работи, претседавањето со Советот за безбедност на ОН од овој месец е во рацете на Швајцарија, која го покани Османи да ги презентира приоритетите на Претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ и соработката помеѓу ОБСЕ и ОН. 

Ставајќи акцент на 30-годишнината од партнерството помеѓу ОБСЕ и ОН, особено во областите на спречување конфликти и управување со кризи, Османи повика на синергијата за постигнување мир за сегашните и идните генерации.

-Како што безбедносните предизвици продолжуваат да се развиваат, природата на соработката на ОБСЕ со ОН исто така мора да се развива, но и да станува попрагматична и ориентирана кон акција. Силните партнерства и заедничките стратегии се единствениот начин за ефикасно справување со сè покомплексните безбедносни предизвици, особено во време на војна, економски тешкотии и кризи, истакна Османи во своето обраќање пред Советот за безбедност на ООН.

Османи потенцира дека политичката визија на претседавањето на нашата држава е со мотото „За луѓето се работи“ преку кое сакаме да потенцираме дека безбедноста на луѓето е наш врвен приоритет. Тој праша која е целта на нашите политички дејствија, на национално и на меѓународно ниво, ако останеме неми пред  страдањата на луѓето.

-Како лидери, имаме одговорност да им служиме на луѓето, да ги заштитиме и да се погрижиме нивниот глас да биде слушнат. Светот се соочува со невидени предизвици за кои цената ја плаќаат токму луѓето. Време е да преземеме решителна акција. Не можеме да си дозволиме да чекаме повеќе, додека страдањето на луѓето продолжува, рече Османи.

Во таа насока, од пред Советот за безбедност,  како што информира МНР, Османи ја повика Русија да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина и да стави крај на страдањето на луѓето.

Во своето обраќање тој ги претстави и неговите досегашни активности во рамки на Претседателството, осврнувајќи се на посетата на неколку клучни ОБСЕ региони како Украина, Молдавија и Јужен Кавказ, но и на посветеноста за зачувување на стабилноста и одржувањето на мирот во нив. Османи ја најави и својата претстојна посета во својство на претседавач со ОБСЕ и на земјите од регионот на Западен Балкан.

-Останатите приоритети кои се вградени во нашата програма за Претседавањето во 2023 година во голема мера ќе зависат од безбедносните случувања. И покрај сите тешкотии, ќе продолжиме да ја промовираме безбедноста на луѓето преку поддршка на одржлив економски раст, основните човекови права, толеранција и недискриминација како предуслови за сеопфатна безбедност, рече Османи пред светските лидери и повика ОБСЕ и ОН да го покажат на дело целиот свој потенцијал и да не дозволат заедничките принципи и заложби да бидат само празни фрази.

Токму соработката помеѓу ОБСЕ и ОН во годините што изминаа, според Османи, покажува дека преку заедништво може да се постигнат резултати.

-Искуството од минатото и научените лекции ни даваат соодветни насоки за иднината. Свесен сум дека новите предизвици може да бараат прилагоден и нов пристап, но во секој случај, партнерството на ОБСЕ со ОН е и ќе остане од витално значење. Мораме да ги зголемиме напорите за заеднички да го одржиме мултилатерализмот, особено во однос на сеопфатната безбедност, рече Османи.

Тој се осврна и на искуството на Северна Македонија како пример за придобивките што земјите ги имаат од двете организации ОБСЕ и ОН.

-Оваа година одбележуваме три јубилеи. Имено, како Претседавач со ОБСЕ чест ми е да ја истакнам 30-годишнината од соработката помеѓу ОБСЕ и ОН, понатаму кон крајот на оваа година Северна Македонија ќе биде домаќин на 30-от Совет на министри на ОБСЕ и одбележуваме 30-годишнина од членството на нашата земја во ОН. Овие три јубилеи се симболични знаци на нашата посветеност на мултилатералната соработка и признание за искуството што го стекнавме, особено на полето на решавање спорови и на прашањата за културните и етничките идентитетски разлики, рече Османи.