Министерскиот совет на ОБСЕ, кој од 29 ноември до 1 декември ќе се одржува во Скопје, е најголемиот настан во историјата на Македонија и по димензија и по значење за државата.
Очекуваме Скопје да биде домаќин на 76 делегации од 57 држави-учеснички во ОБСЕ и партнерите на ниво на министри за надворешни работи и високк претставници од меѓународните организации или повеќе од 1000 претставници на делегациите и партнери на ОБСЕ.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите на кој ги претстави деталите за организацијата на 30-от Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржува во салата „Борис Трајковски“ која специјално ќе биде адаптирана и уредена за да може да ги прими високите делегациите кои ќе присуствуваат на овој најголем меѓународен политички настан кој се организира во државата.
„Во својата суштина овој Министерски совет е исклучителен затоа што за прв пат ОБСЕ се наоѓа пред еден од најголемите предизвици во историјата на нејзиното постоење како последица на руската воена агресија во Украина што предизвика немање на консензус кој е клучен за носењето на одлуки во Организацијата“, рече Османи.
Зборувајќи за клучните теми кои ќе се дискутираат на Министерскиот совет, како што избор на Претседавач со ОБСЕ за 2024 година, усвојување на буџетот како и именување на челните позиции на институциите на ОБСЕ и одлуките што земјите-учеснички ќе треба да ги донесат, Османи потенцираше:
„Најверојатно одлуката за иднината на ОБСЕ ќе се донесе токму во оваа сала. Министрите ќе бидат седнати токму тука и ќе се донесе одлуката за иднината на ОБСЕ. Скопје на некој начин да биде центарот на светот каде што министрите на најголемите држави во светот ќе имаат можност во текот на тие три дена да имаат и билатерални средби и да комуницираат по однос на прашањата што го засегаат регионот на ОБСЕ“.
Министерството за надворешни работи година и половина работи на подготовка на Министерскиот совет по строго определени протоколи од страна на ОБСЕ и во оваа организација се вклучени и другите државни институции, рече Османи.
Северна Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ во јануари 2023 година. Претседавањето со најголемата светска регионална безбедносна организација е фокусирано на теренските операции на ОБСЕ и придонесот кој тие го имаат во подобрување на животот на луѓето и соработката со националните институции. Под слоганот „За луѓето се работи“, Претседавањето на Северна Македонија е посветено на хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.
Министерот Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ оствари голем број на теренски посети во земјите-учеснички во ОБСЕ почнувајќи од Украина, како врвен приоритет за Организацијата и за Претседавањето, понатаму земјите од Јужен Кавказ, Западен Балкан, како и земјите од Централна Азија.