Во организација на Бошњачкиот национален сојуз во Скопје се одржа панел дискусија чија тема беа правните, политичките и меѓународните аспекти на геноцидот во Сребреница, а по повод коспонзорирањето на Северна Македонија на Резолуцијата на Обединетите нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
На панел дискусијата учествуваа министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, претседателот на Бошњачкиот национален сојуз во земјава Џевад Хот, активистката Мерсиха Смаиловиќ и адвокатката Едина Зекировиќ Фазлагиќ.
Присутни на настанот беа претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз Мунир Колашинац, член на Бошњачката академија на науките и уметностите академик проф. др. Фехим Хусковиќ, како и бројни млади од различни етнички заедници, претставници на граѓанскиот невладин сектор во земјава.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека дека е изненаден од реакциите по објавата дека Република Северна Македонија е меѓу 17 држави кои ја коспонзорираа Резолуцијата на Обединетите нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година.
Пред сѐ, рече, е изненаден од луѓе кои сметаат дека тоа влијае на односите со Србија, нагласувајќи дека е „универзална човекова должност да се осуди која било форма на геноцид, независно кои се сторителите“.
„Не очекував реакции, дури сум малку и шокиран од реакциите на дел од граѓаните кои мислам дека се поттикнати од одредени политички партии. Не смееме да реагираме на оваа тема зашто ова прашање влегува во делот на негирање на геноцидот и тоа е строго забрането… Веќе има одлука на Меѓународниот суд на правдата што неделата во Сребреница ги имаат прогласено за геноцид и тие судски одлуки веќе ниту може да се коментираат, ниту да се интерпретираат“, рече Османи.
Тој потсети дека во македонскиот парламент во 2010 година е изгласана декларација со која се поддржува Европската резолуција за прогласување геноцидот во Сребреница.
„Така што, мислам дека овие реакции и интерпретации се жални, бидејќи немам дилема дека кој било граѓанин во Република Северна Македонија нема да го осуди убиството во еден ден на над 8000 цивили – деца, возрасни, кои биле истребени, иако со одлука на Советот за безбедност било прогласена безбедна зона“, изјави Османи.
Одговарајќи на новинарско прашање што точно значи коспонзорирањето на резолуцијата, Османи одоговори дека коспонзорирањето значи дека државава е дел од иницијативата, предложена од Босна и Херцеговина, и со другите земји коспознори учествува во составувањето на текстот на резолуцијата. Резолуцијата денеска ќе биде претставена пред Генералното собрание на Обединетите нации пред гласањето на 2 мај.
Османи нагласи дека посебно од Северна Македонија се очекува да биде коспонзор „како еден од најголемите промотори на мултиетничноста и различноста“ и посебно од нас се очекува, рече, „да осудиме секој говор на омраза и секое убиство засновано на омраза кон другите“.
На панел дискусцијата преку видео врска се обрати и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ. Тој и се заблагодари на Северна Македонија за конспонзорирањето на резолуцијата, истакнувајќи дека е убеден оти прогласувањето на 11 јули за Меморијален ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница значително ќе придонесе за мирот и безбедноста на регионот.
Претседателот на БНС, Џевад Хот, во својот говор во својство на панелист му се заблагодари на министерот Османи на дипломатските напори и одлуката Резолуцијата на ОН за Сребреница да биде коспонзорирана.
Хот потсети дека БНС секоја година со низа информативно-едукативни активности го одбележува 11 јули како Ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, упатувајќи ја пораката „Никогаш, никому и никаде да не му се повтори геноцидот.“
Адвокатката Едина Зекировиќ Фазлагиќ во излагањето на дискусијата потсети на дефиницијата на терминот „геноцид“ на адвокатот со полско потекло Рафаел Лемкин, кој воедно бил и иницијатор на Конвенцијата за геноцид која Обединетите нации ја усвоиле во 1948 година.
„За терминот геноцид има бројни дефиниции во меѓународните документи, академски дефиниции, дефниции во кривичните законици, меѓутоа, она што е важно генерално да се разбере е тоа дека под терминот геноцид се подразбира еден координиран план на низа акции се со цел да се истреби една етничка група“, рече Зекировиќ Фазлагиќ.
Таа ја поздрави одлуката на министерот Османи со која Северна Македонија станува коснпознор на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, истакнувајќи: „Гледано од правен аскпект, со оглед на тоа дека геноцидот секогаш се одвива во неколку фази и последната фаза од секој геноцид е негово негирње, поддршката што ја даде Македонија во овој момент низ правна призма ја гледам како една превенција на можни наредни геноциди затоа што самата цел на секоја санкција или казна е превенција ерга омнес кон сите останати и осуда кон секој сторител на кривично дело“, потенцираше таа.
Активистката за човековите права Мерсиха Смаиловиќ говорејќи од аспект на неказнувањето на негирањето на геноцидот, потенциршае дека судовите во земјава заостануваат кога е во прашање осудата на говорот на омраза, додавајќи дека во земјава е донесена само една пресуда за такво сторено дело.
Одлуката на МНР за коспонзорирање на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница за Смаиловиќ е храбар чин.
„Драго ми е што денеска оваа платформа ја искористивме оваа прилика да ви честитаме на храброста која ја покажавте, за мене како припадничка на бошњачката заедница да зборуваме за геноцидот е храброст, сила и одважност“, истакна Смаиловиќ.
На крајот на панел дискусијата, претседателот на БНС, Џевад Хот, на министерот Османи во знак на благодарност и почит му подари „Сребренички цвет“, дело кое го креираат членките на здружението „Мајките на Сребреница“.