Остин Батлер ја купил куќата на Бред Пит за 5,2 милиони долари, само три месеци по кражбата

Актерот Остин Батлер ја купи куќата на Бред Пит во Лос Фелиз за 5,2 милиони долари, само три месеци откако резиденцијата беше цел на крадци.

Остин Батлер го склучил договорот за купопродажба минатиот петок, објави TMZ.

Куќата била ограбена кон крајот на јуни оваа година, додека Пит (61) престојувал во Токио. Крадците скокнале преку оградата и влегле во куќата низ предните прозорци. Според извор за „The US Sun“, членови на тимот за комунално обезбедување ја посетиле куќата само еден час пред инцидентот.

Изворот исто така додаде дека Пит имал лично обезбедување кое било присутно додека престојувал во куќата, но дека по провалата биле ангажирани обезбедувачи кои сега постојано го обезбедуваат имотот. Локалните жители претходно изразија загриженост дека куќата нема цврста ограда или жива ограда, што ја прави лесно достапна.

Според извештаите, тројцата крадци скокнале преку оградата штом обезбедувањето ја завршило нивната смена. Тие поминале околу десет минути во куќата, по што избегале со непозната количина од имотот на Пит. Во август, тројца осомничени биле уапсени, откако полицијата ги поврзала со обидот за кражба на друга куќа.

Новиот имот на Батлер, познат како „Челичната куќа“, е со површина од 2.000 квадратни метри, има три спални соби и две бањи. Куќата е во облик на буквата L и вклучува базен, вградена сауна и прозорци од подот до таванот.

Бред Пит ја купил оваа куќа од Ајлин Гети во април 2023 година, откако го продал својот претходен дом во истата населба за 33 милиони долари. Сепак, по кражбата, тој решил дополнително да ја зголеми безбедноста и се преселил во нова луксузна зграда во Холивуд Хилс, за која платил 12 милиони долари.

Новата вила во шпански стил има површина од 8.385 квадратни метри, шест спални соби, осум бањи, приватно кино, камин и базен. Сепак, како што пишува „Њујорк пост“, врвните безбедносни системи биле главната причина за купувањето од страна на Пит.

„Тој сакаше дом што нуди максимална безбедност и приватност, а овој имот веднаш му го привлече вниманието“, изјави извор за „The Post“. „Wall Street Journal“ претходно објави дека луксузната резиденција претходно била во сопственост на гитаристот на „The Killers“, Дејв Кенинг, со неговата сопруга Емили.